(Видео) Пендаровски: Сѐ додека постоиме и говориме на македонски, ниту една негација не ќе може да ја прикрие вистината

Макфакс

19/08/2022

16:14

1.189

Големина на фонт

а а а

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, којашто се одржува во Охрид од 17 август до 2 септември 2022 година.

Посакувајќи успешна работа на годинашната школа, претседателот Пендаровски истакна дека ова е најдобриот, вистинскиот начин за промоција на македонскиот јазик, литература и култура и воопшто на нашата земја.

„Сите ние кои ги изговараме македонските зборови сме гарант за неговото постоење и сила. Ниту еден документ, декларација, изјава, не можат да обезбедат постоење и траење на еден јазик, ако не е жив односно ако никој не го употребува“, рече претседателот Пендаровски.

„Јазикот е жива материја, кој си има своја динамика и развој и како таков во себе ги впишува антрополошките феномени и ја впива културата и светогледот на говорителите. Неговата изразна моќ, пак ни овозможува да ги искажеме нашите мисли и да го споделиме нашиот внатрешен свет, создавајќи комуникација која излегува и надвор од секојдневието и од материјалното“ рече Пендаровски.

Претседателот рече дека „сѐ додека има говорници на еден јазик тој ќе постои. Сѐ додека постоиме и говориме на македонски, ниту една негација, фуснота, забелешка или што и да е, не ќе може да ја прикријат вистината. Сите ние кои ги изговараме македонските зборови сме гарант за неговото постоење и сила. Ниту еден документ, декларација, изјава, не можат да обезбедат постоење и траење на еден јазик, ако не е жив односно ако никој не го употребува. Затоа секој во рамките на своето опкружување, во својот дом, во професионалната средина, на местото на разонода, спортување, на културни настани, во духовните храмови, кога размислуваме и беседиме, да глаголиме на македонски и на тој начин да го шириме универзумот на македонскиот јазик“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг