ЕУ воведува строги правила во угостителството: Од август се забранува еднократната пластична амбалажа

Макфакс

14/06/2026

10:19

599

Големина на фонт

а а а

Од август годинава, во Европската Унија се воведуваат строги правила за користење еднократна пластична амбалажа во угостителството, со цел намалување на пластичниот отпад и заштита на животната средина, вклучувајќи забрана на токсичните „вечни хемикалии“ и воведување ограничувања за волуменот на амбалажата.

Од август годинава, гостите во рестораите, кафулињата и хотелите ширум Европската Унија ги очекува голема промена. Со новата Уредба за амбалажа и амбалажен отпад се воведува строга забрана за користење на пластична амбалажа за еднократна употреба.

До донесувањето на оваа уредба, на земјите-членки на ЕУ им беше препуштено самите, на свој начин и во рамките на основните насоки, да го решаваат прашањето со амбалажниот отпад. Отсега, правилата стануваат униформни и обврзувачки за сите.

Новата европска регулатива носи уште две исклучително важни одредби кои директно влијаат врз прехранбената индустрија и заштитата на потрошувачите:

Забрана за „вечни хемикалии“: Во иднина целосно се забранува употребата на таканаречените вечни хемикалии во пакувањата за храна, кои се докажано токсични за човечкиот организам.

Регулација на волуменот: Се воведува ограничување за големината на кутиите и кесите, односно се забранува амбалажата да содржи повеќе од 50 отсто празен простор, со што ќе се спречи вештачкото зголемување на волуменот на производите.


Од февруари храна за носење во сопствени садови

Следната голема фаза од оваа реформа ќе стапи на сила во февруари следната година. Од тогаш, сите угостителски објекти во ЕУ ќе бидат законски обврзани да им дозволат на гостите да донесат сопствено пакување (садови или чаши) кога преземаат храна или пијалаци за носење.

Крајната цел на Европската Унија е до 2030 година да се рециклираат најмалку 70 отсто од отпадот што не е пластика, како и најмалку 50 отсто од целокупниот пластичен отпад, бидејќи официјалните бројки во однос на акумулацијата на ѓубре во Европа веќе подолго време се алармантни.