Се заканува огромен скок на цените на нафтата! Аналитичарите предупредуваат: Барел ќе чини и до 380 долари

Точка

04/07/2022

22:39

7.935

Големина на фонт

а а а

Додека растот на цените на нафтата како последица од руската инвазија на Украина веќе се заканува на економската, политичка и социјална стабилност ширум светот, со предупредувања за рецесија, аналитичарите предвидуваат дека нафтата би можела и дополнително да поскапи, повеќе од три пати во однос на сегашната цена, го пренесува "Радио Слободна Европа" пишувањето на светските медиуми.

Аналитичарите од банката "J-P Morgan Chase" предупредиле дека глобалната цена на нафтата би можела да достигне стратосферски 380 долари по барел ако Русија на американските и европските санкции одговори со намалено производство на нафта, истакнува "Bloombeg". Членките на Групата седум најбогати западни демократии (Г7) разгледуваат механизам за ограничување на цената на рускаа нафта во обид да ја ослабат воената машина на претседателот на Русија, Владимир Путин во Украина, укажува "Bloomberg". Од друга страна, аналитичарите на "J-P Morgan Chase" оценуваат дека Русија, со оглед на силната фискална позиција на Москва, може да си дозволи намалување на дневното производство на сирова нафта за пет милиони барели без претерана штета по економијата.


За остатокот од светот, меѓутоа, тоа би можело да биде катастрофално, со оглед на тоа дека, според проценката на аналитичарите, намалување на дневното производство за три милиони барели дневно би ги турнало референтните цени на нафтата во Лондон на 190 долари по барел, додека најлошото сценарио од пет милиони би можело да значи стратосферски 380 долари. Извршниот директор на Меѓународната агенција за енергетика (IAE) Фатих Бирол, предупредил дека светот е во "црвена паника поради економската рецесија" , додека растот на цената на енергентите создава глобална инфлациска криза, укажува "Times". Бирол за моменталната ситуација рекол дека е „прва глобална енергетска криза“, полоша од нафтениот шок во 1970-тите години бидејќи опфаќа и нафта и гас и електрична енергија. Организацијата на земји извозници на нафта (OPEC) и нејзините сојузници минатата недела договориле зголемување на производството за 648.000 барели дневно. Додека аналитичарите предвидуваат дека цената на барел нафта може да скокне од околу 110 долари на 380 долари, Бирол рекол дека "IAE" ја повикала Саудиска Арабија и другите земји членки да го зголемат производството, пренесува лондонскиот весник. Иако Г7 и "IAE" се договориле да ја истражат можноста за ограничување на цените на руската нафта за да се намали приходот на Москва, критичарите, како што наведува "Times", предупредуваат на мали изгледи дека тоа ќе успеат да го направат без поддршка на земји како Кина и Индија. И самиот Бирол рекол дека тоа не може да се случи само како резултат на акциите на земјите од Г7.

Огромниот раст на глобалните цени на горивата веќе ги загрозува економиите и социјалната стабилност, пишува "New York Times", наведувајќи дека шокантниот жесток галоп на цените на гасот и нафтата како последица од руската инвазија на Украина се надоврзал на проблемите предизвикани од нарушувањата од пандемијата на коронавирусот. Во САД просечната цена на бензинот, која скокнала на пет долари по галон, ги оптоварува потрошувачите и го принудува претседателот Џо Бајден на тешки политички одлуки пред изборите за Конгрес претстојната есен. Меѓутоа, како што пишува весникот, на многу места во светот скокот на трошоците за гориво е многу подраматичен, а последиците многу посериозни. Семејствата се грижат како да го наполнат резервоарот во автомобилите, да ги загреат и осветлат домовите или да готват храна, доедка претпријатијата се соочени со растечки трошоци за превоз и работење со барања на работниците за зголемување на платите. Шокантниот раст на цените на горивата има потенцијал да ги промени економските, политички и социјални односи ширум светот, укажува "New York Times", додавајќи дека високите трошоци за енергија имаат домино ефект.


Тие поттикнуваат инфлација што ги принудува централните банки да ги кренат каматните стапки, со што се намалува економскиот раст и се попречуваат напорите во борбата против климатските промени. Растот на цените на енергијата била главна причина што Светската банка ја ревидирала својата економска прогноза минатиот месец, проценувајќи дека глобалниот економски раст ќе забави повеќе од тоа што се очекувало, на 2,9 проценти оваа година, што е двојно помалку од 2021-ва година. Европа поради преголемата зависност од руската нафта и природен гас е посебно ранлива на високите цени и недостатоците на енергенти. Сега ширум континентот земјите подготвуваат планови за итно рационирање кој вклучуваат ограничување на продажбата, спуштање на максималната брзина на патиштата и намалување на температурите во становите за да се намали потрошувачката на гориво.

Сепак, најсиромашните и најзагрозените ќе ги почувствуваат најтешките последици, истакнува "New York Times" и укажува на минатомесечното предупредување на Меѓународната агенција за енергетика дека поради повисоките цени на енергијата дополните 90 милиони луѓе во Азија и Африка немаат пристап до електрична енергија. Скапата енергија придонесува за високи цени на храна, го намалува животниот стандард и изложува милиони на глад. Политичкото незадоволство поради поскапувањата ќе се почувствува на многу места каде војната во Украина изгледа далеку или ирелевантно, додека во сиромашните земји заканата е поголема бидејќи владите се растргнати меѓу соочувањето со сериозни немири и нудење на дополнителна јавна помош, што бара тешко задолжување. САД сега спроведуваат тројна стратегија, која вклучува зголемување на притисокот на Русија, носење на повеќе нафта на пазарот за да се намалат цените и овозможување на централните банки да ги кренат каматните стапки на ниво кое делува дека може да предизвика рецесија, укажува "Guardian" во уредничкиот коментар по повод најавите на администрацијата на Бајден да се намалат цените на нафтата.


Британскиот весник наведува дека последниот дел од стратегијата е осмислен да им сигнализира на произведувачите на нафта дека цените на енергијата ќе паднат. Болните рецесии од 1970-тите години и раните 1980-ти години одиграле улога во соборувањето на цената на нафтата по енергетските шокови и придонеле за распад на Советскиот Сојуз. Меѓутоа, тоа траело 15 години, истакнува "Guardian", укажувајќи дека Русија можеби не е толку моќна и е покревка од Советскиот Сојуз, но дека сега нема многу показатели за брз колапс.



Спонзорирани линкови

Маркетинг