Владата засега нема да воведува ограничувања за граѓаните од соседните држави кои ги полнат резервоарите на македонските бензински пумпи.
Според премиерот Мицкоски, секојдневно во пограничните места се точат до 150.000 литри гориво, што е десет проценти од вкупниот конзум. Причина се драстично пониските цени во Македонија споредено со регионот.
Од разговорите со сите поголеми снабдувачи, Мицкоски соопшти дека апсолутно нема проблеми со снабдувањето на гориво.
„Во моментот имаат поголеми количини од потребните законски пет дена, државата има повеќе од 60 дена, тоа значи и да нема никаков дотур ние во резервите имаме 60-ина дена да опстанеме онолку колку што е потребно. Од тој аспект состојбата е таква, ризици постојат и во моментот не зависат од нас“, рече Мицкоски.
Според премиерот, Македонија е фактор на сигурност за граѓаните од соседните земји.
„Ако порано се случуваше естрада поради донација од 5.000 вакцини, сега граѓани од соседните земји точат гориво кај нас, бидејќи така заштедуваат и на тој начин го штитат својот стандард во своите земји. Онаа Македонија која беше на колена за да добие некаква донација сега рефлектира стабилност и претставува фактор на сигурност за граѓаните од соседните земји“, заклучи тој.








