Кој е Ламбе Алабаковски? Молитвите и вербата во Бога секогаш му помагаат, замина за Америка во екот на славата, но се врати за да го продолжи својот пат на музиката

Точка

07/06/2022

18:07

12.974

Големина на фонт

а а а

Ламбе Алабаковски е човекот кој денеска поголем дел од јавноста го гледа како „херој“, откако беше објавено дека токму тој е човекот кој е виновен за избувнувањето на пожарот во бугарскиот центар „Иван Михајлов“ во Битола.

Откако веста се прошири со брзина на светлината во македонската јавност, ниту твитер-екипата не остана рамнодушна на овој чин на младиот пејач, а поголем дел од нив застанаа во негова одбрана.

Но, кој е Ламбе Алабаковски?

Македонската јавност младиот пејач го запозна пред 17 години преку тогаш популарното музичко шоу на продукцијата „М2“ – „Плеј – потрага по ѕвезди 2004 година“.


Ламбе е родум од Љубојно, а токму тој со својата скромност и харизма за кратко време по првото јавно појавување стана миленик на македонската публика.

Првиот хит којшто го внесе во водите на музиката е „Спаси ме“, а истиот е компониран од страна на познатиот македонски композитор Дарко Димитров кој е „виновен“ за неговата кариера.

Во 2005 година Ламбе ја сними својата втора песна – „Каде песно моја“, која е компонирана од познатиот Славе Димитров. Потоа во 2005 година тој заедно со Александра Пилева отпатувал во Брашов (Романија) каде учествувал на фестивалот „Golden Stag“, а во октомври истата година учествувал на домашниот фестивал „Макфест“ каде што ја промовираше песната „Ех, да можам“. Во наредните години тој само продолжил да нижи успеси на музичко поле и беше еден од најпопуларните на македонската музичка сцена.

Инаку, Ламбе на врвот од својата популарност се соочил со една од најголемите трагедии во животот – починала неговата мајка, а тој вели дека силата за да продолжи во животот ја добил од Бог и од музиката.

Ламбе често истакнуваше дека е голем верник и Христијанин и дека „смртта е радост за во вечноста“, велеше и дека молитвите и вербата во Бога му помагаат, а животот е полн со разни искушенија.


Во 2013 година Алабаковски се ожени со својата сакана избраничка Магдалена со која имаат двајца прекрасни синови.

Тој неколку години по стапувањето во брак одлучи да ја напушти Македонија и заедно со своето семејство да ја побара среќата во САД. По неколку години живеење во Флорида, Ламбе лани заедно со своето семејство се врати во својата родна Македонија.

По враќањето тој се качи на истата сцена на која ја започна својата музичка кариера.

Инаку, Алабаковски треба да биде гостин и на претстојниот концерт на „Меморија“ на 11 јуни во спортската сала А1 Арена – Борис Трајковски.

Пејачот беше дел и од официјалната прес-конференција и се пофали дека ќе пее заедно со култниот бенд „Меморија“.

„Горд сум што ќе бидам дел од најголемиот концерт ова лето“, напиша Алабаковски.