Во организација на Владата на Република Северна Македонија, Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лица со попреченост и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија (НСИОМ), беше одржана свечена седница со којашто беше одбележан Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3 Декември.
Претседавачот на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост Спасе Додевски истакна дека пандемијата со КОВИД-19, како светска неволја, не треба да ја спречи или успори интеграцијата на лицата со попреченост, ниту да влијае на нивната функционалност.
„Инициравме и реализиравме реформи кои сами по себе го менуваат општеството и погледот кон лицата со попреченост. Креиравме нов систем на социјална заштита по мерка на граѓаните. Реализиравме нов образовен, инклузивен систем за учениците со попреченост во кој ученичката средина е еднаква за секое дете со воведување на систем на асистенција“, информираше Додевски.
Тој истакна дека со воведување на новиот систем за функционална проценка на децата и младите со попреченост креирана според Меѓународната класификација на функционалноста, директно го менуваме односот кон попреченостa како кон потенцијал, а не ограничување.
Претставникот од Министерството за образование и наука Душан Томшиќ истакна дека интензивно се работи на пристапноста на образовните институции при што, неодамна, пристапноста е обезбедена во четири средни и шест основни училишта. Интензивно се работи и на подигнување на јавната свест кај учениците за правата и потребите на нивните соученици со попреченост.
„Образовниот процес е поинклузивен со воведување на 500 образовни асистенти во изминатиов период и зголемувањето на буџетот за оваа намена. Работиме и на подобрување на инклузивноста и на средните училишта“, подвлече Томшиќ, и додаде дека се работи и на задолжителни обуки на наставниот кадар преку Бирото за развој на образованието и ќе се инвестира во инклузивните тимови во училиштата.
Претставничката од Министерството за труд и социјална политика Софија Спасовска укажа на процесот на редизајнирање и подобрување на социјалната заштита за лицата со попреченост во однос на паричниот надоместок.
„Сите 15 градинки отворени во земјава се целосно физички пристапни, а се предвидува децата со попреченост да имаат приоритет за упис во јавните градинки. Подобрени се и условите за вработување со посебен фонд од околу 4,7 милиони евра за поддршка на вработување на над 210 лица со попреченост, а ќе се стимулира адаптацијата на работниот амбиент и воведувањето на работни асистенти“, истакна Спасовска.
Претставникот на Националниот совет на инвалидските организации на Македонија Бранимир Јовановски истакна дека во време на пандемијата од особено значење е квалитетната здравствена заштита на лицата со попреченост.
На настанот беше презентиран и Извештај за напредокот во имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, насловен „10 години потоа“. Извештајот кој го презентираше Василка Димовска Де Јонг, е подготвен од Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – „ПОРАКА“, со цел да се прикаже што и колку е постигнато во измината деценија за подобрување на правата на лицата со интелектуална попреченост, како резултат на имплементацијата на Конвенцијата.