Лидерот на Светската здравствена организација, Тедрос Адханом Гебрејесус, денеска изразил загриженост поради претераната реакција на некои земји на појавата на варијантата омикрон, порачувајќи дека воведените рестрикции можеби не се потребни и дека со нив неправедно се казнуваат африканските земји.
"Добро ја разбирам загриженоста на сите земји за да ги заштитат своите граѓани против варијантата која се уште не ја разбираме целосно", рекол шефот на СЗО.
"Еднакво сум загрижен дека некои држави членки воведуваат остри, проѓирени мерки кои не се основани на докази ниту се делотворни сами по себе, и само ќе ја зголемат нееднаквоста", додал тој.
Прв пат забележан во Јужноафриканската република пред една седмица
Прв пат забележан во Јужна Африка пред една недела, сојот омикрон предизвикал глобална паника, довел до забрана за патување и дополнително го покажал неразмерното вакцинирање во богатите и во сиромашните земји.
Во обраќањето на затворен состанок, директорот на СЗО апелирал до 194-те земји членки да се придржуваат до "рационални и размерни мерки", се наведува на веб страната на СЗО.
Се уште постојат повеќе прашања од одговори за сериозноста на варијантата и делотворноста на вакцината, рекол Тедрос.
Не е забележан ниеден смртен случај поради омикрон
Досега не е забележан ниеден смртен случај поради омикрон, иако СЗО вели дека таа варијанта на коронавирусот претставува висок ризик за наглиот пораст на бројот на заразени.
"Уште еднаш, им се заблагодарувам на Боцвана и Јужна Африка на брзото детектирање, секвенционирање и пријавата на овој сој", рекол Тедрос.
"Длабоко е загрижувачки дека другите сега ги казнуваат тие земји бидејќи ја направија вистинската работа", истакнал тој.