Ако автобусот на „Беса Транс“ не бил лиценциран како минувал на граница, царина и полиција

Нетпрес

24/11/2021

12:53

3.572

Големина на фонт

а а а

Автобусот на превозникот „Беса Tранс“, кој изгоре ноќта кон вторникот во Бугарија и притоа загинаа 46 лица, немал добиено извод од лиценца за превоз во домашен и меѓународен сообраќај од Министерството за транспорт и врски, потврди на прес-конференцијата во вторникот вечерта во Владата, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски додавајќи дека фирмата превозник со седиште во скопското село Рашче имала уредна лиценца, но меѓу четирите автобуси заведени во евиденцијата на неговото министерство го нема автобусот кој изгоре на автопатот „Струма“ близу Перник.

„Опожареното возило не било пријавено од страна на превозникот согласно член 11 став 5 од Законот за превоз во патен сообраќај и поради тоа возилото го нема во електронската база на податоци на Министерството за транспорт и врски“, потенцираше Бочварски на заедничката прес-конференција со министрите за надворешни и внатрешни работи Бујар Османи и Оливер Спасовски.

„За секое возило поединечно, превозникот треба да има извод од лиценцата, а за секој возач сертификат“, појасни Бочварски.


Оттаму, се поставува прашањето како автобусот ги минувал вообичаените проверки на границите, царинските и контролите на сообраќајната полиција и зошто институциите сѐ уште молчат?!

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, автобусот на „Беса Транс“ минал на технички преглед во октомври годинава, рече министерот Спасовски.

Во Министерството за транспорт и врски сѐ уште е во тек анализата на документацијата на превозникот „Беса Транс“, на неговите автобуси како и на пријавените професионални возачи. Досегашните податоци покажуваат дека опожарениот автобус воопшто не бил пријавен од страна на сопственикот и не фигурира во системот на Министерството. Сопственикот на агенцијата не извадил извод за лиценца на тоа возило, а автобусот воопшто не е во базата на податоците на Министерството.


Исто така, сѐ уште се проверува и дали двајцата возачи кои управувале во автобусот имале сертификати дали биле пријавени од страна на сопственикот на агенцијата.

Фирмата „Беса Транс“ имала лиценца за слободен превоз на патници од 2018 година. Согласно законите, секоја фирма која врши слободен превоз е должна да ги пријави возилата кои ќе сообраќаат, како и професионалните возачи кои ќе ги управуваат тие возила. Конкретниот автобус во кој се случи трагедијата, воопшто не бил пријавен. Според досегашните информации, автобусот бил нов и сообраќал во последните три години.


Задолжен за контрола на превозниците е Државниот инспекторат за транспорт, кој треба да врши редовни и вонредни контроли, да проверува дали превозниците ги исполнуваат условите и дали имаат лиценца. Директорот на Инспекторатот, Руфат Хусеини во вторникот во изјава за МИА соопшти дека против превозникот „Беса транс“, Државниот инспекторат за транспорт годинава поднел четири кривични пријави за непочитување на протоколите за Covid-19 за јавен превоз на патници.



Спонзорирани линкови

Маркетинг