Шега која скапо ја чинела: Вака гласел вицот за Тито поради кој 22-годишна новинарка завршила на Голи Оток

Точка

21/10/2021

12:56

22.646

Големина на фонт

а а а

За Јосип Броз се пишувале многу песни, а една од најпознатите, „Друже Тито, темјанушке бела“, ја чинела младата новинарка Јованка Жени Лебл две и пол години робија на Голи Оток, каде што завршила на само 22-годишна возраст.

Во тоа време не се знаело многу за Лебл, белграѓанка со еврејско потекло, ниту смеело да се пишува за страшниот период што го поминала на Голи Оток.

Во 2013 година бил објавен текст за неа од страна на „Политика“, весникот за кој работела додела не ја уапсиле поради виц за Јосип Броз Тито кој едно утро го раскажала во редакцијата.

„Колега еднаш ѝ раскажал шега за тоа дека Југославија победила на меѓународен натпревар во цвеќиња бидејќи одгледувала темјанушка од 100 килограми, алудирајќи на песната „друже Тито, темјанушке бела, тебе те сака младината цела“. Бидејќи таа го прераскажала вицот во редакцијата, по Жени Лебл дошле двајца полицајци затоа што зборувала против Тито и не го пријавила народниот непријател од кого го слушнала спорниот виц“.

Оттаму ја однеле во затвор, потоа во логорот Рамски рит, па во Забел, Гргур и Голи Оток. Во петте затвора, од април 1949 до октомври 1951 година, од неа барале да го промени мислењето и да ја признае вината. Потоа била отпишана и од Здружението на новинари.


По распадот на Југославија, Жени објавила книга со наслов „Темјанушке бела“, која во Израел, каде што и живеела до нејзината смрт во 2009 година, станала бестселер. Во неа ги опишала морничавите искуства од логорот, а многумина дотогаш не ни знаеле дека таму имало и жени.

„Само жедните знаат да ја ценат водата. Бевме опкружени со море, а жедни до лудило. Девојките стануваа старици, им паѓаа забите и се разболуваа додека им пристигнуваа вести дека од нив се откажале децата, мајките и сопрузите бидејќи станале народни непријатели“, напишала таа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг