Манчестер Јунајтед извлече „џек-пот“ од гостувањето на „Молињу“ и победи со минимални 0:1 на натпревар кој комотно можеше да го загуби, што најверојатно и ќе се случеше доколку го немаше на голот расположениот Давид Де Хеа.
Шпанецот правеше чуда на голот и со двојна интервенција спречи водство на Вулверхемптон при резултат 0:0 во второто полувреме, а додека голманот беше вистински херој на теренот во друштво на Гринвуд кој го постигна победничкиот гол, во јавноста и натаму топ тема е трансферот кој допрва треба да биде целосно комплетиран.
Манчестер Јунајтед го најави ангажманот на Кристијано Роналдо и трансферот треба да биде комплетиран во наредните неколку дена, по што за очекување е тој да го има второто деби на „Олд Трафорд“ по крајот на репрезентативната пауза кога „ѓаволите“ на домашен терен ќе го пречекаат Њукасл.
Солскјер говореше за ваквото сценарио по мечот, а во обраќањето не пропушти да ги истакне сите негативни коментари кои ги добива Португалецот за неговиот сензационален кам-бек во Премиер лигата.
– Секако дека сме возбудени од цела приказна околу Кристијано и Манчестер Јунајтед. Се надеваме дека цела документација ќе ја комплетираме во најскоро можно време и дека ќе го потврдиме што е можно побрзо. Кристијано е роден победник и навистина извонредна личност.
– Сите играчи во тимот се возбудени од тоа што тој ќе му го донесе на овој состав. Тој носи нешто што е сосема поразлично од сето она со кое можевме да располагаме досега. Роналдо ни нуди нешто сосема поинакво, веруваме дека ќе го демонстрира тоа што го докажа во цела своја кариера. Убеден сум дека му се допаѓаат гласините во кои се вели дека тој е премногу стар за Премиер лигата. Се надевам дека ќе го сфати тоа лично, се надевам дека ќе ги сфати лично сите невкусни коментари и дека ќе покаже што може да направи, – изјави Солскјер.