Детали од денешната прес-конференција на Филипче: Засега нема промени во рестриктивните мерки, министерот го разрешил и директорот на струшката болница

Точка

17/03/2021

11:25

3.868

Големина на фонт

а а а

Одлуката која јавноста ја очекуваше - нема да има промена на времетраењето на полицискиот час.

Информацијата ја соопшти министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес-конференција. со почеток во 11 часот.

Како што кажа Филипче, актуелното времетраење на мерката, од 22:00 – 05:00 часот засега е доволна и резултати од неа се очекуваат кон крајот на оваа или почетокот на следната недела.

„Дотогаш сме спремни максимално да ги изменаџираме сите други активности во однос на болниците, капацитетите, сместувањето и префрлувањето на пациентите. Дополнителни рестрикции, доколку треба, ќе соопштиме после состанокот на Комисијата за заразни болести којшто би се одржал на почетокот на следната недела“, рече Филипче.

Иако некои градови побараа полицискиот час да започне од 19 часот, сепак, Филипче смета дека мерката рестрикциите да започнат од 22 часот е доволна.

Филипче потенцираше дека во изминатите 4 недели има константо зголемување на бројот на заразни со коронавирус.

„Во моментов 1100 болнички кревети се пополнети, притисокот во Скопје е голем, правиме систем на менаџирање на скопските клиники. Има одреден број на слободни кревети, одделенијата на интерните клиники повторно се ковид центри“, потенцираше Филипче.

Исто така, министерот рече дека вчера формирал нова комисија која треба да даде оценка за лекувањето на родилката од Дебар на која ѝ беа извадени три органи по породување со царски рез.

Во новата комисија ќе учествуваат и директорите на Урологија, КАРИЛ и директорката на Државен здравствен инепекторат.

„Ќе се разреши директорот на струшката болница и нов ќе се назначи во текот на денешниот или утрешниот ден“, соопшти министерот.