Семејството на 7-годишното дете од Гостивар згрижено, мајката уапсена! МТСП бара од ЦСР детално да го истражи случајот, еве што велат оттаму

Точка

17/03/2021

09:13

2.912

Големина на фонт

а а а

Лишена од слобода 35 годишната мајка на детето кое го загуби животот вчера во пожар во Гостивар, откако лекарите утвардиле дека било врзано со ланци на нозете за време на трагичниот настан.

Откако ѝ била пружена медицинска помош, мајката вчера попладне била задржана во полициска станица Гостивар, под соменение дека сторила кривично дело „повреда на семејни обврски“.

Трагедијата се случила на улицата Вардар во раните утрински часови, а први пламенот го забележале случајните минувачи кои повикале пожарна.

Според информации од СВР, во опожарениот стан живеело шестчлено семејство, но во моментот на пожарот во станот биле само мајката и сега веќе настраданиот син.

Семејството не било пријавено како проблематично во Центарот за социјални работи на Гостивар.

Според директорката, Магдалена Савеска, мајката со четири малолетни деца од неодамна се вселила во станот под наем, а со нив живеела и тетката на децата.

Савеска истакнува дека тие досега не користеле никакви услуги од Центарот. По пожарот на трите деца и две жени им е обезбедено сместување и психосоцијална помош.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека ќе побараат случајот детално да се испита и дека досега за нив немало пријави за родителска негрижа или злоупотреба.

„Согласно евиденцијата на ЦСР Гостивар, ова семејство не било корисник на ниту едно право или, пак, услуга од социјалната и детската заштита. Стручните тимови на ЦСР Гостивар се во постојана комуникација со МВР и ОЈО и ги преземаат сите мерки што се во нивна законска надлежност. МТСП побара од ЦСР Гостивар детално да го испита случајот во врска со семејството и состојбата на децата, по што ќе бидат преземени соодветни мерки во интерес на децата“, соопшти министерката за труд и социјална политика.

Во меѓувреме, увид на местото на настанот прават екипи од ОЈО Гостивар и крим-техника од МВР, а дадена е и наредба за обдукција на телото на загинатото дете.

Ќе се проверува евентуална кривична одговорност, а причините за пожарот ќе се знаат по вештачењето на специјална екипа на МВР.




Спонзорирани линкови

Маркетинг