Италијански или селски Куп? Рома го прекрши основното правило, Фонсека се огради од одговорност!

Дерби

20/01/2021

10:57

1.995

Големина на фонт

а а а

Рома втор пат од стартот на сезоната направи аматерска грешка која не се гледа ниту во нисколигашките натпревари, а воедно изминатава вечер дознавме дека стручниот штаб на „волчицатa“ и директорите не научиле ништо од огромниот превид во првото коло.

Тогаш Рома загуби службено од Верона со 3:0 поради фактот што на теренот се најде играч кој не е регистриран ниту во првиот, ниту во вториот тим (Амаду Диавара), а вчера во Куп пресметата со Специја, тренерот Фонсека и неговите соработници приредија нов фудбалски урнебес за кој им се смее цела Италија.

Имено, во дадената ситуација одговорност мора да понесат и одговорните лица од италијанската Федерација кои беа на теренот, бидејќи токму тие дозволија да го видиме бизарниот момент во продолженијата од 30 минути. Тренерот Фонсека направи три измени во регуларните 90 минути, а потоа направи уште три во воведните минути од првото судиско продолжение, наспроти правилникот кој вели дека дозволено е да се направат вкупно пет.

Иако ФИФА има правило во кое се надополнува уште една измена за одредени натпреварувања, истото не важи за Копа Италија, а тоа значи дека Рома ќе беше дисквалификувана од Купот и во случај да ја победеше Специја. „Волчицата“ која го доигра натпреварот со девет фудбалери на крајот загуби со 2:4, но дури и да се пласираше во четвртфиналето, немаше да игра во него поради губење на мечот на административен начин.

Откако ги стави Верету, Карсдорп и Перез во регуларните 90 минути, Фонсека до 95-та ги вметна во игра и Џеко, Фузато и Ибањез, па покрај грешката што ја направи стручниот штаб, навистина несфатливо е како одговорните луѓе воопшто дозволија да се направат последните две измени при кои теренот го напуштија Педро и Кристанте, а влегоа Фузато и Ибањез.

– Ако постои проблем, а постои, ќе мора да го дискутираме и да го решиме интерно. Проблемот сигурно постои после вакво нешто, но најдобро ќе биде да го решиме меѓу нас, – изјави Фонсека кој одби да преземе одговорност.




Спонзорирани линкови

Маркетинг