Голем удар за Ред Бул: Адријан Њуи најавил дека планира нов предизвик

Макфакс

26/04/2024

12:44

3.801

Големина на фонт

а а а

Германскиот магазин „Ауто, мотор унд шпорт“ објави дека инжинерот Адријан Њуи ќе го напушти Ред Бул по речиси две децении минати со нив, практично од првиот момент кога компанијата одлучи да го купи тогашниот тим „Јагуар“ кој беше сопственост на „Форд“.

Зад името на Адријан Њуи стојат многу успеси и освоени титули со Вилијамс (Хил, Вилнев) и Мекларен (Хакинен) во деведесеттите години од минатиот век, како и успеси со Ред Бул во ерата на Себастијан Фетел и Макс Ферстапен.

Англиските медиуми ја потврдија веста, потсетувајќи дека тој минатата година го обновил договорот со Ред Бул, како и дека претходно добивал баснословни понуди од Ферари, а од неодамна и од Астон Мартин.

– Адријан има договор со нас најмалку до крајот на 2025 година и ние не сме запознаени дека тој сака да му се приклучи на некој друг тим,- се вели во официјалната реакција на екипата.

Според нивните написи, Њуи само усмено го информирал менаџментот, а засега нема поднесено официјално барање за прекин на соработката, поради што има многу шпекулации во оптек.

Една од нив е дека Ред Бул е заштитен со клаузула дека Њуи не смее да се приклучи кон друг тим во период од 12 месеци по евентуалниот раскин на нивната соработка, што би значело до крајот на 2026 година. Ако се земе предвид дека за изградба на еден болид од нула е потребно цела година, тоа би значело дека неговата нова конструкција во еден ривалски тим би се појавила на патеките на стартот од 2028 година.

Други извори шпекулираат дека таквите клаузули се решаваат со многу пари, кои би направиле Њуи да конструира болид за 2026 година, додека пак трети укажуваат дека Њуи можеби и не сака да продолжи со проекти во Формула 1, туку надвор од неа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг