Пеп Гвардиола воопшто не штедеше комплименти на сметка на Марсело Биелса во пресрет на денешната пресметка која ќе ја имаат во Премиер лигата, натпревар пред кој трофејниот шпански стручњак уште еднаш нагласи дека Аргентинецот е човекот кој најмногу го почитува во фудбалот.
Гвардиола гледа на Биелса како на свој пример во тренерските води и самиот признава дека е неколку скалила подолу од популарниоит „Лудак“ кога е во прашање фудбалското искуство и знаење, зборови со кои испровоцира уште поинтересна изјава од искусниот Марсело кој во свој стил му возврати на менаџерот на Сити.
Биелса е уникатен дури и во случај кога дели пофалби за свои колеги, па така во интервјуто кое го направи за „ДАЗН“, во позитивна смисла на реченицата порача дека Гвардиола му нанел штета на фудбалот.
– Мислам дека Гвардиола му нанесе голема штета на фудбалот. Без да сака, измисли систем кој сега се нарекува и се препознава како „тим на Гвардиола“.
– Секојпат кога некој игра против него, тој успева да пронаоѓа систем со кој се брани и заштитува, – потенцира Биелса во пресрет на дуелот кој ќе го имаат денес во 18:30 часот кога силите ќе ги одмерат Лидс Јунајтед и Манчестер Сити.