Во рамки на агендата од првиот ден во Берлин вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, оствари средба со Јан Хекер, главен советник за надворешна и безбедносна политика на канцеларката Ангела Меркел на која беа реафирмирани напорите на Германија за заокружување на Преговарачката рамка, информираат од владината прес-служба.
„Одржувањето на првата меѓувладина конференција за време на германското претседателство ќе биде влог во кредибилитетот на Унијата во регионот и огромен поттик за Северна Македонија да ја изоди клучната етапа од патот кон членство во ЕУ“, посочил Димитров на средбата.
Вицепремиерот Димитров се сретнал и со Хелге Токсдорф, копретседавач на Мешовитиот економско-управувачки комитет меѓу Северна Македонија и Германија со кого разговарале за можностите за зголемување на соработката, со оглед на значајните германски инвестиции на македонскиот пазар.
Во однос на европската перспектива и тековните случувања за финализирање на рамката, Димитров разменил мислења и со Валеска Еш, заменик-извршен директор и програмски директор за Европа на Аспен Институтот.