Лионел Меси предизвика вистински фудбалски „земјотрес“ на „Камп Ноу“ на крајот на месец август, кога со факс го информираше раководството на клубот дека сака да биде вклучена неговата клаузула за раскинување на договорот.
Ваквиот потег на капитенот со седмици беше топ тема во шпанската спортска јавност, се до моментот кога Меси мораше да излезе со прво интервју по десетдневен молк, обелоденувајќи и на јавноста дека не добил дозвола од клубот да си замине.
Аргентинецот не криеше дека бил решен да си оди од клубот и во тоа време одреден дел од фановите се свртеа против него и ја загубија вербата во капитенот на тимот, но Лео објасни дека сакал да го напушти тимот поради тоа што сметал дека Барселона ќе може да напредува без него.
Сега, кога веќе е јасно дека ќе игра уште една сезона во Барселона, Меси одлучи да стави крај на сите непријатни епизоди со клубот, барајќи од сите барселонисти да бидат сплотени во обид да се остварат посакуваните резултати.
– По толку многу несогласувања, сакам да ставам точка и крај на оваа епизоца. Треба да се сплотиме сите барселонисти и да мислиме дека најдоброто повторно е пред нас. Ги прифаќам моите грешки ако навистина постоеја, го направив тоа бидејќи сметав дека Барселона ќе биде посилна без мене.
– Сакам да им испратам порака на сите сосиоси и сите фанови на Барселона кои не следат. Ако во одреден момент некој се навреди со нешто што направив и кажав, нека знае дека секогаш го правев тоа со најдобра намера кон клубот. Само со страст и заедништво ќе ги оствариме нашите цели, само така ќе одиме во вистинскиот правец, – изјави Меси за „Спорт“.