Радикална промена на дизајнот: Пристигна новиот Hyundai Tucson

Точка

15/09/2020

18:50

2.394

Големина на фонт

а а а

Јужнокорејскиот производител ги објави фотографиите и техничките детали од новиот Tucson кој на прв поглед можеме да забележиме дека драстично се разликува од актуелната верзија на овој модел.

Hyundai се одлучи за револуционерна „стилска интервенција“ која ќе предизвика поделени реакции кај љубителите, а во секој случај - нема да ги остави рамнодушни. Ваквото решение навистина изгледа модерно и футуристички, а покрај предниот дел, посебно новиот Tucson се истакнува со остри рабови и линии на страничниот дел.

Кога станува збор за внатрешноста, лесно може да се заклучи дека и тука дизајнерите се обиделе да внесат новини, а општиот впечаток е дека Hyundai Tucson сега е полуксузен, барем на фотографиите на кои моделот е прикажан со побогатото ниво на опрема.

На командната табла очигледно доминира големиот екран на мултимедијалниот систем со дијагонала од 10,25 инчи, додека инструмент таблата исто така е дигитализирана.


Новиот Hyundai Tucson има димензии од 4,500/1,865/1,650 мм, додека пак меѓуосовинското растојание изнесува 2,680 мм.

Во превод, автомобилот е нешто подолг, поширок и повисок од претходникот, а за 10 мм е поголемо и меѓуосовинското растојание. Порасна и багажниот простор, па во зависност од погонот багажот има капцитет од 546 до 620 литри, додека со спуштање на задните седишта расте на од 1,725 до 1,799 литри.


Што се однесува до моторизацијата, таа е прилично разновидна и вклучува бензинци, дизел, како и „благо“ хибридна, класична хибридна и plug-in хибридна верзија. Бензинската верзија пристигнува со 1,6 T-GDI со 150 коњски сили, а дизел верзијата е 1,6 CRDi со 115 коњски сили.

Покрај тоа, тука се и трите 48-волтни „благи“ хибриди, два во комбинација со бензински и еден со дизел мотор. Класичниот хибрид доаѓа во комбинација на 1,6 T-GDI моторот со електромотор од 60 КС (44,2 kW), додека литиум-јонската батерија има капацитет од 1,49 kWh. Најавен е и plug-in хибридот кој исто така ќе биде во комбинација со 1,6 T-GDI, меѓутоа засега не се објавени повеќе детали.

Како и неговиот претходник, новиот Tucson ќе се произведува во Чешка, а во продажните салони пристигнува до крајот на оваа година.



Спонзорирани линкови

Маркетинг