Филипче: Ќе почекаме два-три дена пред да одлучиме за карантин за некои општини

Макфакс

01/06/2020

16:02

1.651

Големина на фонт

а а а

Комисијата за заразни болести засега нема да предлага ставање во карантин на општините каде што има најголем број заболени од коронавирусот. Министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека ќе се почека уште 2-3 дена, а потоа ќе се одлучува дали да ќе се предложи ставање под карантин на одредени општини, односно ограничување на движењето.

„Анализата на епидемиолозите покажа дека бројката на новодијагностицирани е повисока, но дека сите пациенти потекнуваат од контактите со некој од заболените. Оваа стратегија ќе продолжи и понатаму“, рече Филипче.

Тој уште еднаш повтори дека дел од граѓаните одбиваат да соработуваат и да кажуваат со кого имале контакт.

„Дел од тоа е надминато, еве семејството на починатиот од Ковид-19 кај кој беше утврден вирусот постмортем целосно се анкетираше. Но, сепак, има граѓани кои одбиваат да се тестираат, да дојдат во болница и кои не веруваат дека вирусот постои. Апелирам – вирусот постои и мерките мора да се почитуваат“, рече Филипче.

Филипче: Над 70 отсто од новите случаи се од познати кластери

Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека 70 отсто од новозаболените од Ковид-19 од Скопје се од веќе познати општини и познати кластери, пред сè од Чаир и Сарај.

„Во Сарај веќе почна да се намалува бројката на заболени. Останува Чаир и таму работат тимовите за јавно здравје. Понатаму е Студеничани, каде денес се анкетираат лица. Во Штип новодијагностицираните се од неколку конфекции. Денеска екипа од Министерството за здравство и Државниот здравствен инспекторат беа таму и донесена е одлука да се затворат пет конфекции до наредниот понеделник, а 600 луѓе ќе бидат истестирани во тој период“, рече Филипче.

Тој додаде дека очигледно е дека и покрај високите бројки, нема пациенти што се јавуваат во болници, што значи дека тие се со полесна клиничка слика или се асимптоматски.

По направениот детален увид направен во Центарот за јавно здравје, дојдено е до заклучок дека новодијагностицираните пациентите остануваат дома да се лечат, што, според Филипче, значи дека здравствениот систем може да се справи со овој бран.



Спонзорирани линкови

Маркетинг