ССМ: Поради солидарност, старите одмори да ги искористат сите вработени во приватниот сектор

Макфакс

07/04/2020

19:39

1.137

Големина на фонт

а а а

Сојузот на синдикатите на Македонија и Државниот инспекторат за труд не ја толкуваат исто уредбата за користење на годишните одмори во приватните компании. Од Државниот инспекторат за труд сметаат дека старите одмори и првиот дел од новите годишни одмори предвреме, поради вонредната состојба, треба да ги искористат само работниците опфатени со привремените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирусот, а Сојузот на синдикатите смета дека одморите треба да ги искористат сите вработени во приватниот сектор.

На објаснувањето од Државниот инспекторат за труд реагира претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димовски.

„Читајќи го член 3, според мене, пишува дека оваа законска мерка важи за сите вработени во приватниот сектор. Обврска на работодавецот е да им ги организира одморите на работниците предвидено со датите во членот 3. Никаде не пишува дека не важи за сите вработени. Малку е збунувачки тоа што членот 3 почнува со зборовите ’за работниците опфатени со мерките’, но важи за сите, затоа што е солидарно да го искористат стариот одмор и првиот дел од новиот одмор сите вработени“, вели претседателот Димовскиза „А1он“.

Во уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба, во членот 3, кој се однесува на годишните одмори, според објавата во „Службен весник, стои: „За работниците вработени во приватниот сектор опфатени од привремените мерки за заштита од ширење и превенција на коронавирусот Ковид-19, неискористениот дел од годишниот одмор, односно неискористениот годишен одмор од календарската 2019 година, да се искористи до 31 мај 2020 година во согласност со потребите на работниот процес и одобрение на работодавецот. За работниците вработени во приватниот сектор опфатени од привремените мерки за заштита од ширење и превенција на коронавирусот Ковид-19, делот од годишниот одмор за 2020 година, кој мора да се искористи во траење од две непрекинати работни недели, да го искористат до 30 јуни 2020 година во согласност со потребите на работниот процес и одобрение на работодавецот“.

Ова е единствениот член во уредбата што се однесува на годишните одмори. Приватните компании не добија дополнителни насоки за примената на уредбата, ниту детаљно објаснување како и кому да му дадат одмор.

Од Државниот инспекторат за труд велат дека уредбата не се однесува на сите вработени, туку важи само за оние што веќе ги користат мерките на Владата за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот и веќе се дома, како што е нагласено на почетокот на член 3. Такви се по еден родител на дете до 10 години, хронично болните и трудниците. Тие останаа дома од 11 март со заклучок на Владата. Уредбата за годишните одмори беше објавена во „Службен весник“ на 4 април годинава.



Спонзорирани линкови

Маркетинг