(Видео) Бебе имало дивиденда над 1 милион денари во 2018 година, а скопјанка пријавила приход од 17 милиони евра

Макфакс

26/02/2020

13:49

3.290

Големина на фонт

а а а

Скопјанка со годишен бруто приход од 17, 1 милион евра е најбогатата Македонка. Таа во 2018 година пријавила во УЈП годишен бруто приход од 1.056.992.055 денари или 17,1 милион евра, соопшти денес директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.

Втор на листата по остварен бруто приход е исто така жител на Скопје кој пријавил приход од 453.517.731 денари или 7,3 милиони евра.

Меѓу првите десет во листата со највисоки приходи има и граѓани од Гевгелија со остварен приход од 300.680.561 денари или 4,8 милиони евра, од Струмица со 4 милиони евра и Тетово со 3,6 милиони евра пријавен годишен пруто приход.

Највисоката годишно бруто плата и во 2018-та година, исто како и претходните години, е исплатена во секторот здравство и изнесува 183.806.532 денари или 2,9 милиони евра.

„На листата на највисоко рангирани бруто плати се најдоа и платите исплатени во секторот трговија со тутун и тутински производи, компјутерско програмирање, производство на метални производи, аптеки и изградба на станбени и нестанбени објекти. Највисокото лично примање по друг основ изнесува 119.268.921 денар на годишно ниво на граѓанин од Скопје. Во 2018-та година е остварен највисок износ на капитална добивка во последните 10 години, односно скопјанец по основ на капитална добивка остварило вкупно 841.164.000 денари бруто приход“, кажа Лукаревска.

Таа нагласи дека во 2018 година е остварен највисокиот износ на капитална добивка во последните 10 години. Лице од Скопје пријавило добивка во бруто износ од 841.164.000 денари или 13,6 милиони евра.

Самостојното вршење дејност во 2018 година било најпрофитно за жителите на Скопје кои Лукаревска вели дека доминираат на листата со приходи по овој основ. Во 10 – те топ рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари, извршители и угостители , а највисокиот приход пријавен по овој основ изнесува 46.024.172 денари или 748.360 евра.

Земјоделството во 2018 година било најисплатливо во Гевгелија каде граѓанин пријавил приход од продажба на сопствени земјоделски производи од 25.319.395 денари или 411 илјади евра. Следен на листата по продажба на земјоделски производи е жител на Валандово со проијавен приход од 19.744.161 денар или 321. 043 евра.

Нјаголем приход од имот и имотни права пријавил жител на Тетово со 84.039.667 денари или 1,3 милиони евра, а обврзник од Скопје пријавил 22.612.966 денари или 367.690 евра, приход од авторски права и индустриска сопственост.

Скопјанец во 2018 година од лото, обложување, казино и учество во наградни игри пријавил бруто добивка од 871.726 евра.

И најбогатиот пензионер е од Скопје со исплатена бруто пензија остварена во странство од 5, 7 милиони денари или 93 илјади евра. Највисокиот приход по основ на пензиски надоместок за доброволно пензиско осигурување е пријавен во Скопје и изнаесува 2,7 милиони денари или 45.507 евра.

Директорката Лукаревска рече дека високи приходи Управата забележала и кај возрасните, но и кај младите лица.

„Највозрасното лице кое остварило приход над еден милион денари има 99 години, сега е починато, додека во групата над 10 милиони денари највозрасниот има 93 години. Лице кое се родило во 2018 година остварило доход од дивиденда над еден милион денари, додека во групата над 10 милиони денари најмладиот има 21 година“, рече директорката Лукаревска.

Управата за јавни приходи изгитвила пополнети годишни даночни пријави за 795.953 граѓани со пријавени 309.058.476.787 денари годишни бруто приходи и 18,4 милијарди персонален данок. Во 2018 година, кога се вовоеде новата процедура за пријава и пресметување на персоналниот данок, најголемиот број пријави биле автоматски потврдени од страна на УЈП, односно 480.092 пријава, а граѓаните потврдиле 139.968 пријави.

Директорката Лукаревска смета дека како за прва година реформата е успешна посебно поради тоа што го нема метежот на шалтерите за поднесување на пријавата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг