20-годишната Адут Акеч е прогласена за модел на годината. Ваквото важно признание ѝ го додели Британскиот моден совет на почетокот на овој месец.
Младата Акеч е родена во Јужен Судан, а пораснала во Кенија. На 7-годишна возраст се преселила во Аделејд, Австралија, заедно со својата мајка. Поради необичното име, австралиските учители ја викале Мери.
Со манекенство започнала да се занимава на 13-14 години, а на 16-годишна возраст веќе станала член на модната агенција “Chadwick Models” во Сиднеј.
Пред само 4 години, Адут дебитирала на модната сцена, а веќе е признаена од страна на светската модна јавност. Адут прво работела ревии на модната недела во Мелбурн, а потоа добила повик да се појави на ревија на Ив Сен Лорен во Париз, по што следело потпишување на договор за “Elitе Model Management” во Градот на светлината.
Девојката која се наоѓа на листата на топ 50 модели во светот на “Models.com” е одбрана за 4 кампањи и две наредни ревии на моќниот бренд Сен Лорен.
Адут е автентична, нереално убава и има многу интигрантен стил надвор од модните писти.
Манекенката која ги красела насловните страници на многу магазини како “I-D”, “Magazine Australia”, италијанскиот, британскиот и австралискиот “Vogue”, “L'Officiel Singapore” и “Le Monde M Magazine” и која од оваа година е амбасадор на модната недела во Мелбурн, доживеала и една непријатна ситуација.
Магазинот “Who” оваа година ја илустрирал нејзината животна приказна со фотографија од друг модел, што таа го оценила како “многу навредливо и неприфатливо”. Магазинот можеби направил грешка, но модниот свет добро знае која е Адут Акеч.
Таа е модел на годината и според изборот на модната индустрија, а “Time” ја смести на листата на 100 највлијателни модели за 2019 година.
Акеч го освојува и Инстаграм светот – на оваа социјална мрежа има околу 740.000 следбеници.