Борисов му одговори на Путин: "Дојдете и сами уверете се, ние не сме Србија"

Точка

05/12/2019

11:19

5.374

Големина на фонт

а а а

На Русија и станува непријатно поради тоа што Бугарија е лојален и силен член на НАТО и ЕУ, рекол премиерот на Бугарија, Бојко Борисов.

Со овие зборови тој ја коментирал изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, кој рекол дека Бугарија намерно одолговлекува со "Турскиот тек". 

"Бугарија ги почитува процедурите на ЕУ. Ние не сме ни Србија, ни Русија, ни Турција. Имавме процедури и тендери, кои ги одобри и Европската комисија", рекол Борисов во интервју за BTV, пренесува "Sputnik".

Според неговите зборови, Путин веројатно располага со стара информација кога станува збор за реализацијата на "Турски тек" во Бугарија.

"Ние веќе ископавме околу 150 километри, се поставуваат цевки и изградбата е во тек", нагласил Борисов, истакнувајќи дека заедно со српскиот министер за енергетика обиколил еден дел од гасоводот.

Бугарскиот премиер исто така додал дека Путин секогаш може да ја посети Бугарија и лично да се увери со која брзина се гради гасоводот.

"Мојот одговор до претседателот Путин: добредојдени сте. Кога тој ќе дојде, ќе одиме таму да видиме со која брзина се одвива изградбата. Во просек се градат по пет километри дневно. Доцна почнавме, бидејќи требаше да минеме низ многу процедури", констатирал тој.

Ако станувало збор за Србија или Турција, изведувачот би бил избран без тендер, додека, според неговите зборови, Бугарија ги почитува процедурите.

Премиерот рекол дека е сигурен дека Бугарија за Русија е единствена и најбрза опција за алтернативна диверсификација на испорака на гас.

Борисов се сомнева во тоа дека Србија е подобра алтернатива и дека проектот ќе се реализирал порано ако Русија се преориентира на Србија.

"Се сомневам дека Србите ќе завршат пред нас. Ние ќе завршиме точно на време", заклучил тој.

Рускиот претседател Владимир Путин рекол дека бугарската страна свесно ја одолговлекува реализацијата на проектот преку својата територија.

"Што се однесува до транзитот преку Турскиот тек, ние сме подготвени, а српскиот дел од границата со Бугарија до Унгарија е речиси подготвен, 90 проценти се веќе поставени. Но, тоа што ние го гледаме, без разлика на молбата на руската страна да се обезбеди испорака на нашиот гас низ Турција и Бугарија, гледаме дека бугарската страна свесно ја одолговлекува реализацијата на проектот преку својата територија, веројатно под притисок од страна. Ќе видиме како ќе се развива таа ситуација. Ако не сакат Бугарите, ќе најдеме друг на југот на Европа", предупредил Путин.



Спонзорирани линкови

Маркетинг