Без дозвола, пијани и со туѓа регистарска таблица: 13 возачи приведени низ Македонија

Макфакс

13/09/2026

14:07

312

Големина на фонт

а а а

Полицијата во Македонија во последните 24 часа привела 13 возачи поради различни прекршоци, вклучувајќи управување без возачка дозвола, под дејство на алкохол и возење со туѓа регистарска таблица, продолжувајќи ги засилените контроли со цел подобрување на безбедноста во сообраќајот.

Во текот на изминатото деноноќие, полициски службеници на територијата на целата држава лишиле од слобода 13 лица поради „безобѕирно управување со возило“.

-Од нив, 11 возачи управувале возило без возачка дозвола, и тоа од Велес, Скопје и Прилеп. Двајца возачи, од Куманово и Скопје, управувале возило под дејство на алкохол. При преземање на мерки и активности, кај возач од Скопје кој управувал возило без возачка дозвола, било констатирано дека на патничкото моторно возило предната регистарска таблица не припаѓала на возилото – соопшти Министерството за внатрешни работи.

Од МВР најавуваат дека по целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Министерството за внатрешни работи продолжува со засилените контроли во сообраќајот, со цел санкционирање на несовесните возачи и спречување на однесувања со кои се загрозува безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Почитувањето на сообраќајните правила и прописи, поседувањето важечка возачка дозвола и управувањето со возило во трезна состојба се основа за безбеден сообраќај – посочуваат од МВР.