Би-Би-Си: Искусни ЕУ дипломати гневни поради блокадата на Македонија и на Албанија

Нетпрес

19/10/2019

12:25

998

Големина на фонт

а а а

Многу искусни дипломати од ЕУ се гневни по блокадата на Македонија и на Албанија за почеток на преговорите за членство од страна на Франција и две-три други земји членки, јави Би-Би-Си.

Според британскиот јавен радиодифузен сервис, „поразот“ дојде по препораките за старт на преговорите со двете земји од Европската комисија и Европскиот парламент.

Претседателот на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер изјави дека „ова е голема историска грешка“ и порача оти „се надева дека тоа е само привремено“, додека првиот човек на Европската совет, Доналд Туск изјави дека „тоа не е пораз, туку грешка“ и дека „се чувствува посрамен“, наведува Би-Би-Си.

Според телевизијата, Франција била единствена земја што го блокирала почетокот на преговорите со Македонија, додека Холандија и Данска му се придружиле на францускиот претседател Емануел Макрон во спротивставувањето на стартот на преговарачкиот процес со Албанија. Макрон порача дека Македонија и Албанија треба да одат во пакет и дека е потребно реформирање на процесот на проширување.

Британскиот сервис наведува дека германската канцеларка Ангела Меркел изјавила дека постои „разочараност“ од одлуката, но дека „прашањето ќе биде разгледано на самит за Западниот Балкан на почетокот на идната година“. Според неа, Французите сакале процесот за проширување да биде потранспарентен.

– Има различни оценки што овие земји треба уште да направат. Некои велат тие не направиле доволно. Северна Македонија заврши прилично многу работа, изјави Меркел.

Би-Би-Си потсетува и дека еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ги обвини лидерите на ЕУ за неисполнетите ветувања кон двете земји. – Земјите членки сега треба да објаснат колку сериозно се посветени на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, изјави тој.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте, пак, предложи преговорите за членство на Албанија и Северна Македонија да се „рестартираат“ во ноември, опишувајќи ја одлуката како „историска грешка“, додека неговиот белгиски колега Шарл Мишел вети дека прашањето нема да биде одминато, најавувајќи дека ЕУ „ќе гледа подоцна да се наврати на оваа дебата, додава Би-Би-Си.



Спонзорирани линкови

Маркетинг