Интер поведе уште во 2. минута на „Камп Ноу“ преку Лаутаро Мартинез, но не успеа да обезбеди барем реми на гостувањето кај Барселона во Лигата на шампионите.
Италијанскиот состав водеше на полувреме, но Барселона направи пресврт благодарение на расположениот Суарез, кој доби одлични топки од Видал и Меси во 58 и 84. минута. Првиот гол беше атрактивен волеј од дваесетина метри, а вториот одличен потег со кој го надмудри Годин и го совлада Хандановиќ за конечни 2:1.
Европскиот првак Ливерпул со два гола на Мане и еден на Салах водеше 3:0 против Салцбург, но Австријците успеаја да се вратат на 3:3, што е навистина голем подвиг на „Енфилд“. Сепак, Салах со својот втор гол донесе победа од 4:3 за Ливерпул и прв триумф за „црвените“ во групната фаза.
На останатите натпревари: Валенсија-Ајакс 0:3, РБ Лајпциг-Лион 0:2, Зенит-Бенфика 3:1 и Лил-Челси 1:2.