Манчестер Јунајтед оваа вечер ќе го пречека Арсенал на „Олд Трафорд“ во големото дерби со кое ќе биде заокружено седмото коло во Премиер лигата, натпревар пред кој Оле Гуна Солскјер одново се соочува со многу проблеми со повредени играчи, а особено е „тесно“ кога е во прашање нападот.
Повредите на Маркус Рашфорд и Ентони Марсијал го ставаат Солскјер во ситуација да го „фрли во оган“ 17-годишниот Гринвуд, сценарио кое само укажува на едно нешто, а тоа е дека Јунајтед во овој момент има недостиг на играчи во нападот. Манчестер им дозволи на Ромелу Лукаку и Алексис Санчез да си заминат пред крајот на летниот преоден рок, а иако сега има уште неколку месеци до отворањето на јануарскиот трансфер период, Солскјер призна дека приоритет на клубот ќе биде ангажман на центарфор.
– Им дозволивме на Алексис и Ромелу да си одат, не треба да бидете ракетен научник за да сфатите дека ни е потребен напаѓач и дека ќе се обидеме да доведеме таков играч во следниот преоден рок. Колку и да беше чудно за некои, време беше Лукаку да си оди. Тој не сакаше да биде тука, а нема поента да држите луѓе кои не сакаат да бидат тука. Во потрага сме по креативност и голови, но потенцијалните засилувања мора да бидат вистинските, нема да купуваме по секоја цена. Имаше слободни напаѓачи, но не такви какви што сакавме. Не можевме да добиеме таков каков што сакавме за време на летниот преоден рок, – појаснува Оле.