Нов рекорд во рамки на Светското првенство во фудбал за жени во Лион

Точка

06/07/2019

13:58

7.758

Големина на фонт

а а а

Франција е домаќин на Светското првенство во фудбал за жени, ФИФА 2019. Во рамки на првенството се организираше спортски фестивал на кој беа поканети жени и спортски организации кои работат на полето на еднаквоста и инклузијата. Наши претставнички учествуваа во поставување на нов Гинисов рекорд за најголем број на играчи во континуиран натпревар во мал фудбал, вкупно 807, а играта траеше цели 69 часови со резултат 404-369. Ексклузивно за овој настан вас читателите на Точка ве информира Силвија Митевска.

Паралелно со овој настан, нешто интересно се случуваше во Лион. Може да ни раскажете нешто повеќе околу настанот во Лион?

- Во Лион се случуваше еден многу интересен настан организиран од интернационалната невладина организација Equal Playing Field, кој имаше за цел да ја промовира родовата еднаквост во спортот односно во фудбалот. Се организираше спортски фестивал на кој беа поканети жени и спортски организации кои работат на полето на еднаквоста и инклузијата. Имавме можност да чуеме и да бидеме инспирирани од приказни на жени кои предводат фудбалски школи за девојки во Бразил, Боливија, Нов Зеланд, чувме како е да се биде жена судијка во Јужна Африка, како е да се биде професионална фудбалерка во Франција и уште многу интересни приказни за предизвиците со кои се соочуваат жените кои дејствуваат во фудбалот. Ние го споделивме искуството со заложбата и работата на невладината организација ТАКТ и презентиравме практични примери како го користиме спортот како алатка за пренесување на важни пораки како инклузија, почит, толеранција. Истовремено, разменивме искуства околу најдобри практики за креирање на пристап на девојки кон фудбалот, на кој начин да се мотивираат да тренираат и да останат активни на фудбалските терени. Заеднички заклучивме дека фудбалот е одлична алатка за зајакување на младите, особено девојките и дека значително придонува кон зголемување на нивната самодоверба и самопочит.

Во рамките на фестивалот се постави и нов светски рекорд. Дали може да споделите повеќе информации околу овој рекорд?

- Да, на наше големо задоволство, во Лион учествувавме во поставување на нов Гинисов рекорд за најголем број на играчи во континуиран натпревар во мал фудбал, вкупно 807 а играта траеше цели 69 часови со резултат 404-369. Искуството беше многу интересно зашто на терен игравме со пасионирани жени од цел свет, но исто така беше и многу напорно зашто тие денови во Франција беше топлотниот бран и игравме повеќе од триесет минути на температура од 40 степени. Ние двете не сме фудбалерки, ниту немаме искуство на фудбалски терен, меѓутоа тоа не беше најважно, ниту пак критериум за учество. На теренот истовремено играа и професионални фудбалерки со огромно искуство, жени кои рекреативно играат фудбал, но и жени кои воопшто не играле фудбал дотогаш. Најважна беше поддршката што успеавме да ја дадеме кон оваа моќна иницијатива која обедини жени од целиот свет. Фестивалот и новиот светски рекорд со паролата „AnyGirlAnywhere“ ја одбележа потребата за промоција на родовата еднаквост во фудбалот и поголема вклученост на жените во грасрут активности и лидерски позиции во фудбалот.

До каде сме со родовата еднаквост во нашата земја? Вашата организација ТАКТ е активна на ова поле. Дали има напредок и што уште треба да се направи?

- Да, ТАКТ активно работи на унапредување на родовата еднаквост во спортот. Во изминатите четири години колку што постоиме, успеавме да ги мобилизираме сите спортистки и да ги здружиме заедничките сили со цел да се избориме за она што ни следува-еднакви можности во спортот. Ја организиравме првата национална конференција ,,Жени во спортот“ на која за првпат искусни спортистки имаа можност да проговорат за сите предизвици и двојни аршини со кои се соочуваат во своите кариер. Ја организиравме првата конференција за ,,Родово-базирано насилство во спортот“ тема на која ретко се говори во јавност, го креиравме видеото „ДевојкиКакоНас“ со цел промоција на спортот кај девојките, организиравме многубројни обуки за зајакнување на девојки преку спортот и секако омилениот настан ,,Вечер за жени во спортот“ на кој доделивме оскари на најдобрите спортистки и го промовиравме женскиот спорт. Преку сите овие јавни настани освен што разменуваме искуства и најдобри практики, го актуализираме прашањето со еднаквоста во спортот и зошто е важно да имаме поголема вклученост на терен и во процесите на донесување на одлуки.

(А.В.)



Спонзорирани линкови

Маркетинг