Дарко Спасов, претседател на Управниот одбор на ДАФ: Прославуваме 60 години од постењето на Драмскиот аматерски фестивал

Точка

23/05/2019

10:56

4.125

Големина на фонт

а а а

Од 27 мај до 1 јуни во Кочани ќе се одржи по 60ти пат познатиот Драмски аматерски фестивал – ДАФ. Фестивалот се фокусира на македонските аматерски театарски групи, но во последните години, стана препознатлив и надвор од границите на земјава, па пријавите за учество на фестивалот расте.

Приоритетот на домашната продукција останува, но ќе има и гостувања од САД, Србија, Грција, Бугарија... А фактот дека фестивалот годинава одбележува голем јубилеј покрај театарската програма, предвидени се и настапи на акробатски музичари, физички театар, предавања, концертни настапи, изложби, промоции на книги... По тој повод поразговаравме со Дарко Спасов, претседател на Управниот одбор на ДАФ.

Драмскиот аматерски фестивал – ДАФ Кочани, годинава слави јубилеј 60 години од првото издание на фестивалот. Верувам програмски подготвувате поразнолика програма, чија тежина е аналогија на големиот јубилеј. Ќе бидете ли љубезен за почеток да ни кажете накусо за целиот историјат на фестивалот. Какво значење има за алтернативната театарска сцена кај нас? 

Во 1959 година во Битола се одржува Првата смотра на аматерски драмски другарства и театри во организација на РКП Заедница и Народна просвета. Потоа, фестивалот се сели во Скопје, па Штип, за на крај да се гнезди во Кочани, кој е домаќин веќе по 43 пат. Од неговото основање во 1959 до денес, фестивалот носи неколку називи РАДС – републички аматерски драмски сморти, ФААТ – фестивал на аматерски и алтернативен фестивал, за последните години да се осврне само на аматерскиот театар и се преименува во ДАФ.  

Фестивалот е одлично место за средба и фестивалско дружење на театарски групи – вљубеници во овој вид уметност и речиси да не постои некој од професионалниот театарскиот свет во Македонија, кој не бил дел од овој фестивал на почетокот од својата кариера, во моментите кога се утврдуваат љубовта и занесот кон театарската уметност.

Овој фестивал им дава можност на аматерите - љубителите на театарот, така во соседните земји за ваквите средби - фестивали се користи терминот љубителско (аматер) и ние сме горди што Кочани ја продолжува традицијата последната недела од мај да „татни“ од театар. Тоа го препознаа и жителите на Кочани, па од мината година во организацијата на настаните се вклучија и волонтерите од УСО Гимназија „Љупчо Сантов“. Општо земено Кочани живее со фестивалот.


Предноста ја имаат аматерските театри од земјава. Кои ги би издвоиле годинава од целокупната програма?    

Да, фестивалот во Кочани се фокусира на македонските аматерски театарски групи, но во последните години, фестивалот стана препознатлив и надвор од границите на нашата земја, па од година в година бројот на пријавите за учество на фестивалот расте. Ние како фестивалска управа одлучивме да го задржиме приоритетот на нашата домашна продукција и со две до три гостувања од театарски ансамбли од другите земји. И едните и другите поминуваат низ острото око на селекторот на фестивалот, така што се избираат најквалитетните претстави.

Колку аматерски театарски групи има во земјава и на кој принцип се избираат претставите кои земаат учество на фестивалот? 

Тешко е да се одреди точна бројка. Веројатно бројот e повеќе од стотина групи аматерски театри, секции во центрите за култура, пензионерски здруженија, како и секции во основните и средните училишта и високообразовните институции. Изборот го прави селектор, кој има мандат од две години (оваа година по втор пат селекцијата ја изврши актерката Јасмина Билаловиќ) има навистина голема работа од големиот број пријави да направи избор на приближно 16 претстави за тие 6 фестивалски денови со бројот на пристигнати пријави. Оваа година да речеме имавме околу 40 пријави за учество.  

Покрај аматерските театарски групи во програмата се зацртани изведби и на професионални театарски инстуции од земјава. Кои? 

На првиот фестивалски ден публиката ќе може да види две професионални претстави, едната е „Човекот“ пантомима на Трајче Ѓеоргиев, познатиот актер од МНТ и хит претставата „Вардарски Пастуви“ во режија на Синиша Евтимов, а во продукција на Театар Комедија, театар, кој е поддржувач на фестивалот и во чест на овој свечен јубилеј ќе го крене нивото на ендорфин на кочанчани. Потоа, во средина на фестивалот од театарски групи ќе ги имаме и Импров групата – независна сцена, во која покрај колегите - професионални актери игра и нашата сограѓанка Наталија Теодосиева.

А предвидени се и гостувања од странство... 

Да. Од Република Србија имаме гостување на Аматерско позориште „Хранислав Драгутиновиќ“ – Прокупље, а на затворањето гостува ДАХ театар од Белград со дипломирани студенти од белградската академија, под менторство на Мирјана Карановиќ (го играат ММЕ од Дејан Дуковски). Истиот ден на последниот ден од фестивалот ќе бидеме домаќини и на Македонскиот културен центар во Софија и монодрамата „Страстите на Илија“ со Игор Дамјанов.


Уште поинтересно е што покрај драмската програма ќе има настапи и на акробатски музичари, физички театар, предавања, концертни настапи, изложби, промоции на книги...  

Да, за публиката во Кочани предвидовме гостување на акробатски музичари од Грција и Америка, еден од настапите ќе биде и во градскиот пазар во Кочани, за да го донесеме фестивалот до секој сегмент од нашето културно живеење. Потоа во гимназијата во Кочани предавање под наслов „Момчето кое живееше во зоолошка градина: изложувањето на различните како спектакл“ ќе одржи Проф. д-р Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија, ПМФ – УКИМ (позната како уредничка на рубриката Bookbox)

Ќе имаме изложба на избор од сценографиите на Крсте Џидров – Џиби и промоција на поезијата на македонски јазик на Џелаледин Мевљана Руми од Тихомир Јанчовски, во придружба на вокалите Добрила Грашеска и Зоран Тортевски. Промоција на книгата „Радио“ од Љупчо Јолевски, промоција на винил на групата Ана О. Гробот на еден робот, промоција на изданијата „Светот на Биби“... А како дел од настаните околу фестивалот ќе гостува и диџеј Александар Јорданов. Со оваа придружна програма фестивалот добива, не само меѓународен карактер, туку и калеидоскопски или подобро речено мултимедијален карактер.

Последната вечер ќе бидат доделени и награди. Кои се категориите и кои од учесниците се во официјалната програма за трка по признание? 

Тричлена комисија на фестивалот доделува награда за главна машка и женска улога, споредна машка и женска улога, Награда за уметничка иновација и истражување во аматерскот драмски израз, награда за најдобра режија и за најдобра претстава „Васил Ќортошев“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг