Иднината започнува денес: Samsung го претстави Galaxy Fold и новите Galaxy S10 модели

Точка

21/02/2019

01:43

7.749

Големина на фонт

а а а

Samsung претстави бројни новитети – од првиот флексибилен паметен телефон Galaxy Fold, 4-те модели од серијата Galaxy S вклучувајќи го и моделот со поддршка на 5G, до носиви уреди и бежични слушалки.

Samsung го претстави Galaxy Fold како дел од целосно новата категорија на мобилни уреди – компактност, мобилност и големина на екранот како кај таблетите, се главните адути на овој модел. Кога е склопен, дијагоналата на екранот изнесува 4,6-инчи, а кога ќе се отвори се добива екран со дијагонала од 7,3-инчи.

Благодарение на големината на екранот, корисниците истовремено можат да користат три апликации, а треба да се спомене и континуитетот на апликациите, односно една апликација ќе може да се користи и кога телефонот е склопен, како и кога е отворен.


Galaxy Fold располага со моќен процесор, 12 GB RAM и 512 GB интерна меморија. Има дури 6 камери и две батерии, а од Samsung развиле технологија која што двете батерии ги поврзува во единствен извор на енергија.

Во продажба ќе се најде најпрвин само на одредени пазари на 26-ти април по цена од 1980 долари.

Долгоочекуваната десетта генерација на Galaxy S

Покрај Galaxy Fold, претставени беа и долгоочекуваните модели од 10-та генерација на Galaxy S серијата – моделите S10e, S10 и S10+, како и првиот паметен 5G телефон на Samsung – Galaxy S10 5G.

Моделите S10 и S10+ пристигнуваат со динамичен AMOLED Infinity-O екрани со дијагонала од 6,1, односно 6,4-инчи, а од Samsung велат дека овие модели нудат најточен приказ на бои на мобилните уреди досега. При претставувањето, од Samsung посебно го нагласија сензорот за отпечатоци на прсти сместен во самиот екран – станува збор за исклучително прецизен ултразвучен сензор со алгоритам за препознавање на лажни отпечатоци на прсти.

На задната страна на овие телефони се наоѓаат три камери – класична од 12 мегапиксели, телефото камера од 12 мегапиксели со двоен зум и камера од 16 мегапиксели со ултраширок објектив со видно поле од 123 степени, односно како човечкото око. За искористување на целиот потенцијал на камерата, препознавање на сцени и советување на корисникот за композицијата и слично, се грижи вештачката интелигенција.

Што се однесува до хардверот, S10 моделот пристигнува со 8 GB RAM меморија и 128/512 GB интерна меморија, како и можност за надоградба со мемориска картичка до 512 GB, додека моделот S10+ ќе може да се купи во верзии од 8 и 12 GB RAM меморија и ќе има до дури 1 TB интерна меморија која исто така ќе може да се надогради со мемориска картичка.

Моделот Galaxy S10e пристигнува со 5,8-инчен екран, има две камери на задната страна (класична и ултраширока) и камера од 10 мегапиксели на предната страна. Ќе биде достапен во верзии од 8 и 12 GB RAM меморија и 128, односно 256 GB интерна меморија со можност за надоградба со мемориска картичка до 512 GB.

Што се однесува до останатите интересни опции, треба да се издвои „реверзибилното бежично полнење“, односно Galaxy S10 ќе може да се полни и самиот, но и друг уред преку бежично полнење додека е поврзан со обичен полнач.


Новиот AI софтвер на Galaxy S10 автоматски ја оптимизира батеријата, процесорот и RAM меморијата, па дури и самата температура на уредот, во зависносот од начинот на кој корисниците го користат телефон и продолжува со текот на времето да ги учи навиките на корисникот за да стане уште подобар. Користејќи ја вештачката интелигенција, Galaxy S10 исто така учи како побрзо да ги стартува најчесто користените апликации.

Според досегашните најави, најевтин секако ќе биде моделот Galaxy S10e кој ќе се продава по цена од околу 780 евра, за Galaxy S10 ќе треба да издвоите околу 950 евра, а најскап ќе биде моделот Galaxy S10+ кој ќе се продава по цена од околу 1040 евра.

Уште една гласина која што се покажа вистинита е Galaxy S10 5G – првиот паметен телефон на Samsung кој ќе работи на 5G мрежата. Пристигнува со 6,7-инчен Infinity-O екран, има тродимензионална длабочинска камера и опции како што се Video Live Focus и Quick Measure. Исто така, треба да се спомене и големата батерија од 4,500 mAh со Super Fast Charging од 25W.

Покрај тоа, претставени беа и два нови носиви уреди – станува збор за Galaxy Watch Active и нараквицата Galaxy Fit, како и бежичните слушалки Galaxy Buds.



Спонзорирани линкови

Маркетинг