Почнува проектот за изградбата на автопатот Скопје – Блаце, се очекува да заврши за три години

Макфакс

11/01/2019

13:43

629

Големина на фонт

а а а

Проектот за изградбата на автопатот Скопје-Блаце денеска формално почна со реализација. Се очекува автопатот што ќе ги поврзе Македонија и Косово да биде завршен за три години.

„Конечно ставаме точка на автопатското поврзување меѓу Македонија и Косово, означувајќи го формалниот старт на проектот Скопје – Блаце“, изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи. Тој посочи дека проектот е од стратешка важност за нашата земја од неколку причини: како проект со кој се поврзуваат Скопје и Приштина со автопат, проект кој претставува дел од т.н. „конективити“ агенда за поврзување на земјите од Западниот Балкан, но и автопат што ќе овозможи унапредување на трговската размена, ќе обезбеди потенцијал за економски напредок, потенцијал за бизнисот итн.

Османи потенцира дека за овој проект веќе е обезбеден грант од 1,3 милиони евра ИПА-средства кои се неповратни и дека е побарана и финансиска поддршка во рамките на Инвестициската рамка за Западниот Балкан (ВБИФ) од 27 милиони евра, како и неповратни средства. За останатиот дел, Османи посочи на заем од Европската банка за обнова и развој, како главен финансиер на проектот.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, посочи дека заради побрзо реализирање на проектот изградбата на автопатот Скопје – Блаце е поделена на две подделници, со цел побрзо завршување на проектот и отпочнување на градежните работи на пократката делница. Првата делница, во должина од околу 2 километри почнува од ГП „Блаце“до првата клучка „Блаце“, односно спојот со локалниот пат кон с. Блаце, за чија градба и надзор средствата се обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта и чија реализација се очекува побрзо да стартува. Втората подделница е од клучката „Блаце“ до Скопје (клучка „Стенковец“), во должина од околу 10.5 километри. Предвидени се 4 тунели во должина од околу 4 километри, 8 мостови и други придружни објекти.



Спонзорирани линкови

Маркетинг