Константин Циривири: Ни надојде лавина под врвот Јаловец во Јулиските Алпи

Точка

08/01/2019

10:56

9.497

Големина на фонт

а а а

“Еј здраво Македонци, се радуваме што ве гледаме во нашиве планини. Ајде доста се занимавате со политика, занимавајте се малку повеќе со планинарење, доаѓајте почесто во нашиве планини“ – ова е една од пораките што ја добиле нашите алпинисти на последното искачување на мраз на Алпите. Акцијата била поддржана од Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија.

Македонската алпинистичка федерација реализира неколку акции надвор од Македонија како што се акциите во Доломити (Италија), во Пакленица (Хрватска), Враца (Бугарија), Јулиските Алпи (Словенија) и Централните Алпи (Италија, Франција) објаснува за Точка, Константин Циривири.

Колку време се подготвувавте и што подразбира подготовката?

- Како и за секоја програмска активност на МАФ, така и за оваа акција кандидатите кои беа заинтересирани за учество во истата се подготвуваа во текот на целата година, како дел од своите редовни тренинзи. Главниот карактер на акцијата беше да се изведуваат алпинистички искачувања во Алпите во зимски услови, така да најголемиот дел од подготовките се изведуваа во првите месеци од 2018 година, кога во нашите планини имавме добри зимски услови. 


[Долината Val di Cogne во Италија која што може да се нарече светска престолнина на качувањето во мраз]

Во периодот непосредно пред заминувањето во Алпите во нашите планини започна зимата, иако сè уште ги немавме типичните зимски услови како што се консолидиран снег или формиран мраз, но и тоа што беше присутно го искористивме за адаптирање кон зимските услови за алпинистичко качување.

Оваа авантура знае да биде некогаш повеќе некогаш помалку забавна?

- Секоја алпинистичка акција во себе има две компоненти - патување надвор од Македонија, најчесто илјада километри и повеќе алпинистички качувања. И во двете има многу случувања, од кои некои се забавни, но некои се помалку забавни. Но, сите тие придонесуваат за создавање лично и колективно искуство што во крајна линија ги зголемува капацитетите на алпинистичката заедница за реализирање ваков тип акции. Од секое алпинистичко излегување како најважно искуство ги сметаме средбите со алпинистите од други земји. Од ова патување веројатно сите се враќаме импресионирани од десетдневниот престој кај словенечкиот алпинист Силво Каро. Многу работи можат да се научат кога се дели секојдневниот ритам со еден врвен алпинист, а ние ја имавме таа можност, можеби за прв пат во изминативе триесеттина години. Важно е да се споменат и средбите што ги имавме во центарот за обука на спасители при француската полиција во Шамони, од кои што добивме и донација на клинови за мраз.

Нормално имаше и типични алпинистички случки како лавина под врвот Јаловец во Јулиските Алпи, експонирани вертикали со недоволно цврст снег под врвот на Триглав или снегот од метар и половина под глечерот Le Tour во француските Алпи.


[Јулијски Алпи, поглед кон врвот Мал Триглав]

Најинтересен беше коментарот што го добивме од двајца словенечки алпинисти под самиот врв на Триглав: “Еј здраво Македонци, се радуваме што ве гледаме во нашиве планини. Ајде доста се занимавате со политика, занимавајте се малку повеќе со планинарење, доаѓајте почесто во нашиве планини.“

Се погодија ли временските услови?

- Временските услови во високите планини во декември не се добри. Често има снежни врнежи и силни ветрови што ги прави условите опасни од аспект на можноста за лавини и комплексноста на качувањето. Наша цел во рамките на оваа акција беше да качуваме алпинистички насоки во мраз и снег и за таа цел чекавме добри услови во високите делови на Алпите уште од крајот на октомври. За жал, поради топлото лето и веројатно поради феноменот на глобалното затоплување, состојбата со мразот и снегот на Алпите беше лоша.


[Во долината Тамар, во Јулијските Алпи под северните карпи на врвовите Травник и Шите]

Кон крајот на ноември кога добивме информација од колегите од Франција дека условите се нешто подобри и кога во најава имаше денови на добро време, заминавме за Алпите. Меѓутоа, кога акцијата веќе започна временските прилики се сменија со врнежи од снег и силен ветер. Заради тоа пристапивме кон алтернативниот план за качување во Јулиските Алпи каде што во тој период имаше многу поповолни временски прилики.он крајот на ноември кога добивме информација од колегите од Франција дека условите се нешто подобри и кога во најава имаше денови на добро време, заминавме за Алпите. Меѓутоа, кога акцијата веќе започна временските прилики се сменија со врнежи од снег и силен ветер. Заради тоа пристапивме кон алтернативниот план за качување во Јулиските Алпи каде што во тој период имаше многу поповолни временски прилики.

Триглав ви беше одличен тренинг?

[На врвот на Триглав 2863 метри и познатиот Алјажев Столп во позадина]

- Во Словенија изведовме искачување во зимски услови на врвот Триглав, пристап кон врвот Јаловец и повеќе денови качување во локалитетот Осп каде што работевме под инструкција на словенечкиот алпинист Силво Каро.

Имавте можност да да ја освоите светската престолнина на качување на мраз?


[Кон глечерот Le Tour]

Потоа заминавме за Франција и Италија во Шамони и во долината на Аоста каде што качувавме замрзнати водопади. Долината на Аоста може слободно да се нарече светска престолнина на качувањето на мраз. За време на нашиот престој сè уште немаше најдобри услови за качување во мразовите во оваа област, но и покрај тоа успеавме да реализираме искачувања. Многу е важно и тоа што направивме еден вид извидница во областа, бидејки ова е прва посета од ваков карактер, за качување во мраз, на македонски алпинисти таму.

Колку време траеше „акцијата“?

- Акцијата се спроведе од 3 до 16 Декември 2018 година. Од тоа десетина денови поминаа во качување во повисоките делови на планините или на мразевите и карпите во подножјата. Ако се земе во предвид дека најмалку четири дена се потребни за пат и доколку ги земеме во предвид деновите на лошо време, можеме да кажеме дека добро сме го искористиле времето. Во принцип секој момент кога имаше основни услови за безбедно качување го користевме.

Има ли услови за алпинизам во нашата земја?

- Македонија е прилично изолирана земја гледано во однос на просторите каде што се случуваат најважните настани и алпинистички искачувања. Делумно заради географската положба, но најмногу заради лошата економска состојба и нискиот стандард за живот. Така да секое излегување надвор од земјата и можноста да се биде “дел од светот“ за нас е многу значајно искуство. Излегувањата на планина во различни услови од тие што секојдневно ги имаме кај нас се од големо значење. Секнатите искуства потоа се пренесуваат на останатите членови во алпинистичката заедница и затоа секое излегување во локалитети и планини надвор од земјата е придобивка за целата заедница.


[Првиот дел од насоката Patri во долината Val di Cogne, Aosta, Италија]

Многу е тешко да се гради алпинизам во услови кога патувањата до големите алпинистички центри како што се Словенија, Франција или Италија за нашиот приватен буџет се речиси неостварливи. Во оваа насока помошта од државните институции и секако од спонзорите е многу важна.

Кој ви е следен предизвик?

- Сите активности што ги преземаме во рамките на Македонската алпинистичка федерација имаат за цел за поттикнување и развој на македонскиот алпинизам во кој што треба да се вложат многу енергија, средства, грижа и напор, за да се достигне светско ниво на квалитет. Не е едноставно да се работи во услови на низок животен стандард, недоволна институционална подршка и прилично ниска култура за спортовите на отворено и посебно за алпинизам. За среќа во алпинистичката заедница има луѓе кои ги посветуваат своите животи на алпинизмот и максимално се посветени кон развој на заедницата и сигурен сум дека успехот во еден догледен период ќе дојде.

Што се однесува до конкретните планови - за месец февруари следната година е планирана акција во алпинистичкиот локалитет Скакавица во Бугарија, а за во март е планирана повторно акција во Централните Алпи.

(А.В.)



Спонзорирани линкови

Маркетинг