Американскиот министер за одбрана Џејмс "Бесното куче" Матис, заминува од таа функција, а сега се откриваат некои можни последици кои би можеле да направат пресврт во текот на војната во Авганистан.
После тоа се случило нешто поради што многу американски експерти за безбедност ги кренале веѓите. Имено, поранешната приватна војска "Blackwater" објавила голем оглас во списанието за оружје и лов "Recoil". Огласот изгледа прилично страшно - на црна позадина пишува само "Ние доаѓаме".
Според пишувањето на весникот "Military Times", тоа би можело да значи дека војната во Авганистан, најдолгата американска војна на денешницата, како и некои други, би можеле да бидат приватизирани.
Ако "Blackwater" се врати, тоа би било враќање на приватната војска која е забранета во Ирак, но е повторно "брендирана" и никогаш всушност не престанала да постои. Потсетуваме, платениците на "Blackwater" убиле 17 цивили во 2007-ма година кога пукале во нив на плоштадот во Багдад, во една од најлошите епизоди во ирачката војна. До 2016-та година "Blackwater" неколку пати бил преименуван и реструктуриран, и бил познат како "Constellis Group", кога го купила американската компанија "Apollo Holdings Group". "Reuters" на почетокот на оваа година соопштил дека "Apollo" го ставил "Constellis" на продажба, но во јуни продажбата била ставена на чекање.
Претставник на компанијата "Constellis" денес изјавил дека, иако го купил некогашниот центар за обука кој го користел "Blackwater" во 2016-та година, не е поврзан со поранешната приватна војска. "Constellis" не го вработил основачот на "Blackwater" и поранешниот извршен директорот Ерик Принс и нема моментална врска со него или со поранешната управувачка структура на компанијата.
Огласот во весникот "Recoil" сугерира дека "Blackwater" планира самостојно враќање, но не е јасно во каква форма. Портпаролите на Ерик Принс рекле дека во овој момент не можат ништо да кажат.
Принс и се "додворувал" на администрацијата на Трамп откако станал претседател и се обидел да ја промовира идејата дека 17-годишната војна во Авганистан никогаш нема да може да се добие со традиционална воена кампања. Тој тврди дека таа војна е прескапа и дека има подобар план за нејзин крај.
Во едно од интервјуата за "Military Times", Принс рекол дека наместо 23.000 единици на НАТО, тој би довел 6.000 платеници и 2.000 активни припадници на специјалните сили.
Потенцијалната приватизација на авганистанската војна претходно била отфрлена од страна на Белата куќа, и Матис остро ја критикувал, бидејќи сметал дека е опасно целите на националната безбедност да се предаваат во рацете на платеничка војска.
Меѓутоа, Матис дал оставка, на големо изненадување на Пентагон, а тоа сега отвара голема можност за "драстични промени", рекол еден неименуван службеник на американското Министерство за одбрана.