[ВИДЕО] Големо понижување за Кремљ: Зеленски објави снимка од уништениот руски брод во Либија и го потврди нападот

Точка

23/11/2026

10:24

309

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека Украина стои зад нападот во кој беше потопен рускиот брод „Меркури“ (Merkury) во близина на либискиот брег.

Операцијата ја нарече „примерен украински одговор на руската војна“, а во официјалната изјава во понеделникот наведе дека украинските сили погодиле и втора цел, рускиот товарен брод „МВ Ангара“ (MV Angara). Зеленски тврди дека Русија тој брод го користела за превоз на оружје.

Според Зеленски, руската корвета „Меркури“ еден од поновите бродови во флотата на Москва, потонал по нападот изведен со седум поморски дронови од украинско производство.


Во истиот напад бил уништен и борбениот хеликоптер „КА-27“. Зеленски порача дека Украина ќе продолжи со операциите во одредени морски зони како одговор на руската агресија и дека ќе продолжи со развивање на сопствено оружје.

На снимките по експлозијата се гледа само предниот дел од бродот

На снимките од социјалните мрежи, чија локација ја потврди „BBC Verify“, се гледа брод зафатен од пламен и чад. Сателитската снимка од компанијата „Planet Labs PBC“ исто така прикажува брод во пламен во пристаништето во Бенгази во 5:47 часот по Гринич (GMT), пренесува „Индипендент“.


Американската компанија за разузнавачка аналитика „Vantor“ наведува дека нејзините снимки со висока резолуција од саботата ја прикажуваат корветата на руската морнарица „Меркури“ – брод од класата „Стерегушчиј“ од проектот 20380 закотвен на пристаништето.

Според „Vantor“, на неделните снимки се гледа како истиот брод се превртел и потонал, а над површината останал видлив само неговиот преден дел.

Реакции од Либија и ОН

Властите од источниот дел на Либија потврдија дека се дошло до експлозија на рускиот брод закотвен во пристаништето. Во официјалното соопштение се вели: „Бродот се враќаше во Русија, а застана заради надополнување гориво и снабдување. Се сомнева дека бродот бил нападнат со дронови“.

Министерството за здравство од источниот дел на Либија соопшти дека сите членови на екипажот од погодениот товарен брод биле спасени, се здобиле со полесни повреди и се во стабилна состојба, и им се дава лекарска помош.

Владата на националната стабилност (ГНС) која дејствува во источниот дел од Либија, не го наведе името на бродот, но соопшти дека го користел пристаништето во Бенгази врз база на постоечкиот поморски договор.

Таа го осуди нападот оценувајќи го како кршење на поморската безбедност и напад врз суверенитетот на земјата, порачувајќи дека Либија не учествува во војната помеѓу Русија и Украина ниту во други конфликти надвор од сопствените граници.

Од друга страна Меѓународно признатата Влада на национално единство (ГНУ) со седиште во Триполи во посебно соопштение предупреди на прифаќање странски воени сили и отстапување објекти на користење. Таквата практика, како што наведе предизвикува „сериозна загриженост“ поради „ризиците што можат да настанат ако пристаништата и цивилните објекти се вклучат во активности поврзани со надворешни судири и поради заканата што тоа ја претставува за животите на граѓаните и безбедноста на националните објекти и имот“.


Експертот за безбедност и одбрана на Блискиот Исток, Талха Абдулразак, изјави за Ал Џезира дека зад нападот на либиското пристаниште веројатно стојат украинските разузнавачки служби и потсети на бројни извештаи за договор меѓу украинските разузнавачки служби и владата во Триполи.

„Кон крајот на минатата година имаше многу извештаи за договор меѓу украинските разузнавачки служби и владата во Триполи за воспоставување украинско воено и разузнавачко присуство таму. За возврат, владата во Триполи би добила украинска воена експертиза“, појасни Абдулразак.

Обединетите нации повикаа на независна истрага за нападите. Мисијата за поддршка на ОН во Либија (UNSMIL) во понеделникот изрази „сериозна загриженост“ поради нападите и побара „итна, независна и транспарентна истрага“. „Либија не може да си дозволи и не смее да стане бојно поле за странски судири“, објави „UNSMIL“ на платформата Икс.

По соборувањето на Моамер Гадафи во 2011 година, Либија ја зафатија насилство и политичка нестабилност, а земјата се подели меѓу сопернички влади.