Мицкоски до Заев: Избeри време, место и медиум таму ќе дојдам каде што ти сакаш

Макфакс

12/12/2018

20:23

2.174

Големина на фонт

а а а

Пред повеќе од 6 месеци точно овдека на платото пред Владата на Република Македонија, на 2 јуни ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија излезе масовно, да му каже на Зоран Заев НЕ, не мој да го правиш Зоране тоа што си го наумил, го започна вечерва својот говор лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на протестот на опозицијата кој е трет по ред во серијата протести.

„Покажавме дека сме живи, покажавме дека не има и покажавме дека повторно ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија ќе бидат победничката политичка сила во Република Македонија.

Пред повеќе од 6 месеци, да бидам попрецизен стоев и велев, не ми верувајте до мене ако се двоумите ако имате било каква резерва во тоа што ви го говорам, можам да ве разберам и можам да ве оправдам, поминале и продефилирале многу лажговци овде пред вас. Многу лажговци кажувале како Зоран Заев и ветувале брда и долини, но верувајте си на самите себе и верувајте на тоа што го гледате. А тоа што го гледавте тогаш беше црнило во почеток, а денеска е црнило во кулминација.

Саде е црнила ширум Република Македонија. И ќе ми речат и ќе ме прашат, зошто токму одбравте црнила, па зарем сем освен овие црнила кои што ни се случуваат и темнина има нешто со што можеме да се пофалиме и да речеме дека оваа ненародна влада на СДСМ со криминални гени, предводена од аболиран политичар може нешто да направи за нашата татковина.

Дозволете ми на самиот почеток, уште еднаш да ги поздравам сите оние кои што од разно разни причини, од притисоци на своите работни места, од закани и уцени на претпоставените номинирани од овие горе што не снимаат, шпионски од оној прозор онаму, снимајте, снимајте ама еден ден ќе платите за тоа што снимате.

Да ги поздравам затоа што знам дека и нивните срца се овде доле со нас, дека и тие се со нас и не следат и не подржуваат. Стотици илјади граѓани ширум Македонија во овие декемвриски денови, без разлика дали се овде пред платото на Владата на Република Македонија, или ширум другите плоштади, улици и булевари, по куќите, по домовите, по сокаците и маалата, знам дека ни ја даваат поддршката и дека не има многу и ќе не има уште повеќе, се додека не им го видиме тилот како заминуваат од таму оние шпиони кои што снимаат сега одозгора. Ја посипаа земјата со црнила, а народот го оковаа со омраза, со љубомора, завист. Тоа е она на кое што тие се подготвени.

Наместо да владеат со проекти, со реформи, владеат со страв и притисоци. Не смееме тоа да им го дозволиме. Овој народ тоа не го дозволува и овој народ и овде и насекаде во Македонија ќе му каже едно големо НЕ на Зоран Заев и СДСМ.

Ветуваа живот, драги сопатници, браќа и сестри, ветуваа живот дека ќе донесат во Република Македонија, а донесоа црнила, донесоа чемер и јад во домовите на нашите сограѓани.

Ништо не се мрда, камен на камен не оставија, национално не омаловажија, ни го уништија достоинството. Го убија Македонецот во Македонецот. Но, нема да се предадеме затоа што Македонецот на Македонецот е Македонец, бил со векови и ќе остане, колку и да пишете колку и да бришете. Колку да снимате од таа вистина нема бегање и нема да ви дозволиме да избегате.

Зошто црнила? Ќе почнам од оние кои што овие денови се најактуелни а тоа се докторите. Зошто токму докторите? Им ветуваа, сетете се 100.000 денари просечна плата. Од 100.000 денари нема ништо. Уште една голема лага на овие нечестити политичари.

Потоа им ветуваа линеарно покачување на платите и добија симболични 5 проценти. Но, веднаш овој човек кој што себе си треба да се нарече градски татко потрча да и тие 5 проценти им ги скрати, па им го зголеми паркингот за нивните работни места во Клиничкиот центар, за да си ги вратат парите што им ги дадоа. Па вакво лажење, нема никаде. Ваков ни Михаузен не бил.

Им ветуваа на матичните лекари, им ветуваа на стоматолозите зголемена капитација зголемена од таа што ја имаа. Нити зголемена капитација, ниту нешто кое што претходно го ветуваа. Напротив и тоа што го имаа на времето и тоа им го земаа.

Затоа едно големо уааа за таа лага.

Младите секој ден ја напуштаат Македонија затоа што се чувствуваат излажани, изманипулирани, затоа што им ветуваа „Младинска гаранција“ им ветуваа студентски град, им ветуваа перспектива и фер шанса за сите. Не само што не добија, туку нема ни надеж за да се добие бидејќи тие се зафатени со промена на името и промена на идентитетот, немаат време за младите.

Денеска го слушам, само да се завршело ова и веќе во јули ќе ни тргнело, не сега од јануари, од јули ќе ни тргнело. Па ги искара бизнисмените, им рече вие треба да идете напред, како напред Европа била таа која што ќе не научела. Не бре, ние треба да се европеизираме за да Европа нас ни подаде рака. Со криминалци во Влада, со криминалци во јавните претпријатија и министерствата кои што вие ги именувавте нема Европа. Европа бара честити луѓе и искрени луѓе, вредни луѓе и луѓе што работат, а не луѓе кои што на својата нација и викаат дека е искомплексирана нација, дека е нација без свое јас. Нема така во Европа. Во Европа мора да сме честити, вредни и чесни што е најважно, се она што не сте вие СДСМ и Зоран Заев.

Изминатиот период остварив многу средби со бизнисмени. Посетивме неколку стопански комори, разговаравме за реалните проблеми на бизнисмените, на економските оператори, на реалниот сектор. Единствен и заеднички именител е дека никогаш не било потешко и едвај мака мачат од први до први да скрпат. Црнила донесоа и во економијата. Им ги зголемија даноците, па сега лажат преку оној малечок министер за финансии дека ова било робинхудовски пристап, ќе земеле од богатите од тие што имаат па ќе дале на сиромашните, а притоа не кажуваат дека ќе ги оданочат земјоделците. Дека не само што ќе ги оданочат туку и сето она кое што го имаат дома до сега и тоа ќе им го земат. Зарем такви луѓе ја заслужуваат довербата на граѓаните?

Освен црнила, порази и уништување ништо друго не ни донесоа во Република Македонија откако се една и половина година Влада, а претходно учествуваа повеќе од една година во техничката Влада. Зарем на овие луѓе треба да им се верува? Јас повеќе не можам да им верувам ниту една секунда од мојот живот.

Ве повикувам масовно сите граѓани во Република Македонија, без разлика на етничката, без разлика на верската припадност, да ни се придружите и да застанете рамо до рамо со нас. Што побргу заминат, толку побрзо ќе и се раздени на Македонија и ќе изгрее зората.

Ќе речат реформи правеле во судството, 112-та земја според Транспарентност Интернационал сме на ранг листата, Танзанија и Етиопија се пред нас. Ќе речат во Европа не носеле. Не Европа, Африка ја донесоа Македонија. Ете тоа направија од европска Македонија, Афричка Македонија според степенот на корупција која што владее во моментот во Република Македонија.

За пензионерите ветуваа зголемени пензии, ветуваа 5% секоја година ќе ги зголемуваат и тие што ги даваат не ги даваат онолку колку што треба. Црнила и за пензионерите. Сега им сметале луѓето сакале и работниот век да го продолжат, што помалку време да имаат во своите најубави години од животот. И тоа нема да го дозволиме. Првата седница на новата Влада кога ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За подобра Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и таа Влада ќе ги укине даноците и ќе ги зголеми пензиите.

Што прават? Прават фингирана дебата за уставните измени. Не ја почитуваа волјата на граѓаните јасно изразена на референдум. Не ја почитуваа таа волја и одлучија по насилен пат да фингираат дебата ширум градовите во Република Македонија, па да поканат граѓани во Република Македонија со времен престој со поинаква боја на кожата. Да им аплаудираат дека тоа што го прават е добро за Македонија и Македонците. Нема кој да им каже не, затоа што канат експерти кои што му аплаудираат и кои што го тапкаат по рамото. Од тоа Зоране Заев немаш фајде нити ти, нити граѓаните на Република Македонија. Тоа е лажно тапкање, ја губиме државата. Македонија ни оди во неповрат, народот си оди, бизнисот е разочаран, црнила и темнина по улиците и сокаците. Не може вака, доста ги слушаш тие што те тапкаат. Те лажат, ќе ја изгубиме државата и нема после кој да не оправи, затоа престани, доста е, овој народ тоа ти го кажува. Доста е.

И во пауза при распродавање на нашиот идентитет, нашето национално достоинство и гордост ќе тргнат малку против ВМРО-ДПМНЕ. Зошто им пречи ВМРО-ДПМНЕ,затоа што знаат дека доаѓа денот кога народот и заедно со ВМРО-ДПМНЕ ќе им пресудат за сето ова што и го прават на нивната татковина, за целокупната пљачка, криминал, национално достоинство кое што се губи и ја парчосуваат парче по парче Република Македонија. Тоа нема да ви го простат граѓаните на Република Македонија , треба да сте свесни за тоа.

Ќе речат ајде да го реформираме судството. Еве каква реформа направија. Два примера ќе ви кажам доволно се не треба повеќе. Бараме владеење на право, бараме криминалот да биде казнет. И ние го бараме тоа. Секој кој што се огрешил пред законот треба да одговара. Но што направија. Именуваа директор на Академијата за судии и јавни обвинители, онаа академија од каде што треба да произлезат идните кадри, јавни обвинители и судии, Наташа габер Дамјановска, сестра на Виктор Габер, долгогодишен дипломат од редовите на СДСМ, советник на Зоран Заев и човекот кој што го води телото кое што преговара со Грција за нашата историја, нашата археологија и нашето образование. Ќерката пак е државен секретар во Секретаријатот за европски прашања, номинирана од СДСМ, мајката во Советот на Град Скопје како кадар на СДСМ. Партија, дипломатија, судство, така ли ќе го реформирате судството, тоа ли е начинот?

Минатата недела цела македонска јавност знаеше дека Лорета Георгиева ќе биде избрана за нов член на судскиот совет, а зошто, затоа што таа е сопруга на човекот кој што е приватно близок Зоран Заев. Сите тоа го знаеја. Оној судски совет кој што треба да ја оценува работата на судиите во Република Македонија, токму тој судски совет, таму членува Лорета Георгиева. Затоа им е битно, затоа што нема кој после тоа да им го отвори „евро за евро“ и случајот „Поткуп“ , нема кој да го отвори „Глобал“. Сите ќе мора да молчат и да му се подведуваат на монархот. А кој е монархот? Монархот е оној кој што нив ги именува таму, Зоран Заев. Ние тоа нема да го дозволиме. Такво судство не ни треба.

Па ќе воскреснат закон за Специјалното Јавно Обвинителство, закон кој што никој не го видел во државата, никој не го видел како изгледа. Министерството за правда каде што имаат монопол ќе го закачи и ќе бара јавна дебата. Ќе приготват монархистички закон за да можат секој оној неистомисленик да го казнат, да го осудат и ако малку ги критикува и ако зори против нив и нивните политики да го пратат во притвор, во затвор, затоа што само така тие се научени да владеат. Со страв и притисоци, а не со проекти и со работа.

Не сме против правдата, ние сме против злоупотреба на институциите, против трговија со правото и правдината. Ние сме за нова независна обвинителска институција која што ќе биде уставна, а не како оваа неуставна која што ќе го истражи целокупниот криминал од минатите влади, но и од оваа Влада и овој скандал со прислушкување на обвинителите и судиите кој што ни се случи, црниот Вотергејт на Заев и на Спасовски. За таква институција сме ние, институција која што ќе ги отвори сите тие случаи и ќе ги казни затоа што тие мора да ја добијат заслужената правдина.

Ќе продолжиме почитувани сопатници браќа и сестри, да протестираме овде пред платото на Владата. Но знам дека и голем дел се дома не поддржуваат. Јас ве повикувам сите, младо, старо, машко и женско да ни се придружите. Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми, Власи и простете оние кои што не ги споменав. Придружете ни се со нас и марширајте рамо до рамо. Сочувствувајте со нашата болка, да се обидеме, да спасиме она што остана од Македонија, да остане за да не отиде за неповрат. Да го спасиме македонското во Македонија. Да го спасиме она на кое што сите ние најмногу се гордееме, а тоа е македонското име и македонскиот идентитет. Застанете рамо до рамо со нас.

Но, ќе продолжиме да протестираме и да бараме се додека не дојде конечниот пораз на оваа влада и јас овде ќе ги повторам оние 6 наши барања.

Првото барање веднаш неотповиклива оставка на Оливер Спасовски, поради целиот криминал, поради сите оние неразјаснети убиства, поради сите оние мафијашки пресметки, поради сето она кое што го нарачуваш и оперативно го спроведуваш, поради сите претреси на нашите браќа и сестри во нивните домови рано наутро во 5 часот, поради сите омаловажувања пред нивните деца и трауми кои што ги доживуваат. Зошто? Затоа што му дале поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, и затоа што излегле да протестираат против вас хунто една. Затоа бараме прво неотповиклива оставка од Оливер Спасовски.

Како второ веднаш неотповиклива оставка на оној министер за надворешни работи, поради сите понижувања и национални омаловажувања што ни ги приреди. Но, најмногу поради тоа што не нарече искомплексирана нација. Нацијата која лебот му го дала. Нацијата која што го школувала и него и неговото семејство, веднаш неотповиклива оставка.

Трето, веднаш повлекување на законот за зголемување на даноците. Не ги опфаќа законот за зголемување на даноците само оние со повисоки примања. Ги опфаќа и земјоделците и економијата и бизнисот, и професорите и сите оние кои што се по договор на дело, затоа што нема веќе да биде 10 проценти туку ќе биде многу повеќе. Затоа доста го лажете својот народот и веднаш да го повлечете законот за зголемени даноци. Тоа е нашето трето барање.

Нашето четврто барање, велевте почист воздух. Ајде вистински да донесеме почист воздух на долг рок. Вратете ја назад гасификацијата и откажете се од оние мерки кои што секој ден го лажете народот, од оние мерки кои што предвидуваат бележење на возилата, како во апархејдот. Доста е. Не може на тој начин да се однесувате повеќе со сопствените граѓани. Тоа е нашето четврто барање.

Петтото барање е веднаш формирање на комисија која што ќе ги анализира, систематизира и преслуша разговорите кои што се резултат на црниот Вотергејд на Заев, прислушкувањето на јавните обвинители и на судиите. Веднаш сторителите и нарачателите да одговараат за ова.

Шесто, да се почитува волјата на народот јасно изразена на референдумот на 30 ти септември.

И сосема на крај, ова директно и само за Зоран Заев. Минатиот пат те повикав, одби да излезеш на дуел пред референдумот. Ајде сега пред Нова Година јас и ти, очи во очи пред целата македонска јавност.

Ајде јас и ти. Но, викни ги најпрво на помош оние наши поранешни браќа и сестри што застанаа рамо до рамо со тебе во битката против ВМРО-ДПМНЕ, да те избрифираат за вмровските работи. Ќе збориме и за тоа, ама ќе збориме и за сето она кое што и го приреди на нацијата, за сите лаги , за сите недостоинствени политики, јас и ти , очи во очи пред македонските граѓани па они нека судат и нека пресудат кој е во право. Немој овој пат да се криеш.

Избeри, време, место и медиум таму ќе дојдам каде што ти сакаш и каде што ти ќе кажеш.

Тие создаваат црнила, ние ќе создадеме зора која што ќе ги победи тие црнила. Ќе ми речат оние душо грижници, оние скапо платени со жолтици, експерти пера новинарски таканаречени, само критикуваш а не нудиш решенија.

Ќе понудиме решенија, многу брзо. Но, најпрвин мора да ги потсетиме за тоа што го ветија, за тоа што го излажаа, било и да не се повтори.

Ве поканувам во недела во Велес, со почеток во 13 часот, да продолжиме за Македонија, затоа што Македонија мора да оди напред“, повика Мицкоски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг