Пулмолозите тврдат дека ќе се зголеми бројот на заболени од рак поради загадениот воздух

Макфакс

10/12/2018

11:52

2.742

Големина на фонт

а а а

Алармантните податоци за загадениот воздух, кои покажуваат дека Скопје е еден од петте најзагадени градови во светот, ги вознемири пулмолозите, кои предупредуваат дека ова ќе доведе до драстично зголемување на бројот на заболени од карцином на бели дробови.

Д-р Камелија Бушљетиќ смета дека сите се пред потенцијална опасност од сериозно оштетување на здравјето. Бушљетиќ предупредува дека ситуацијата е алармантна оти загадениот воздух е еден од деветте фактори во светот што придонесуваат за високата смртност кај луѓето.

„Се зголемува бројот на заболени од канцер на белите дробови, од хроничната белодробна опструктивна болест, од мозочните удари, од кардиоваскуларните болести, како и од респираторните акутни инфекции. Над 2.500 луѓе умираат годишно во Македонија како последица на заболувањата што ги предизвикува аерозагадувањето. Ние може да имаме генетски предиспозиции за одредена болест, но тие нема да се манифестираат без поттикнување на фактори од надворешната средина. А еден од главните е аерозагадувањето!”, вели д-р Бушљетиќ.

Пулмологот Оливер Јовковски вели дека симптомите како надразителната кашлица, непријатниот мирис, дразбите, чешањето, печењето на носот и очите се дел од потешкотиите што ги предизвикува загадувањето.

„Загадувањето има големо влијание во настанокот на повеќе заболувања. Исто така, и развојот на алергиските заболувања, како асма и алергискиот ринит, се условени од загадувањето. Тие почнуваат поинтензивно да се појавуваат како патологија по индустриската револуција, а претходно не биле премногу познати. Основните потешкотии што ги предизивкува загадувањето, особено во некои сезонски условени ситуации, се надразителна кашлица, непријатен мирис, дразба, чешање, печење на носот и очите, сува или влажна кашлица и зголемена секреција на дишните патишта“, смета доктор Јовковски.

Јовковски вели дека последиците од загадувањето ќе бидат видливи за 20 години, и тоа според бројот на појава на белодробни карциноми.

„Последните години се наоѓа поврзаност помеѓу развојот на периферните белодробни карциноми, особено од типот на адено карциномите, и големата изложеност на загадувањето. Но, како и за сите карциноми, не може да се каже дека има само една причина за појава на карцином. Овој вид загадување сигурно ќе го почувствуваме за 20 години, според бројот на појава на белодробрни карциноми“, додава Јовковски.

Помала изложеност на загаден воздух и седење во затворени простории се препораките од пулмолозите. Според нив, спортистите, градежните работници и оние кои работат на отворено се најизложени на опасност од загадениот воздух, па затоа препорачуваат користење заштитна опрема.

„Препораките се во вакви пикови на загадување помалку да се изложуваме на можноста да бидеме во допир со загадувањето, односно помалку да седиме надвор. Во домашни услови донекаде сме заштитени. Меѓутоа, кога прозорците се затворени има помала концентрација на загадување, но ретко кој има можност да го провери тоа. На улиците, на патиштата, загадувањето е највисоко и треба да се избегнуваат“, предупредува доктор Јовковски.

Податоците кои Институтот за јавно здравје ги добива согласно со методологијата за проценка на ризик покажуваат дека од 5.500 починати во 2017, кај 1.250 лица една од главните причини било загадувањето.



Спонзорирани линкови

Маркетинг