Пепа Димитрова: „Таква сум, самоуверена, амбициозна и не застанувам, не се потпирам на критики и пофалби“

Точка

08/11/2018

17:10

1.475

Големина на фонт

а а а

Пепа Димитрова е македонска артистка, која неодамна ја промовираше својата најнова песна. Покрај промоцијaта на новата песна, со неа поразговаравме и за почетоците во музиката, настапите на фестивалите и идните планови.

За почеток би сакале да ни кажете за Вашите почетоци во музичките води, кога започнавте да се занимавате со музика и колку долго сте на македонската естрада?

Веќе 5 години сум дел од јавното живеење и делување на македонската поп естрада, со учество на фестивали, издавање на песни и видео записи. Сè започна спонтано и без притисок за кариера и константност во музичката продукција, но веќе можам да си дозволам да кажам дека имам доволно материјал за два албума со песни од различни автори и желба и поттик за сериозно пристапување во македонскиот музички свет.

Инаку од многу мала сум поврзана со музиката, сум била дел од училишните хорови во родниот Штип, но животот ме однесе на друга страна и по исполнувањето на мајчинските и професионалните обврски, сега имам време да се посветам на мојата голема љубов – музиката.


Какви песни најмногу сака да пее Пепа и која е онаа која Ви предизвикува најмногу емоции?

 Ги сакам баладите и оние потешки песни кои ми даваат предизвик за исполнување, таму до израз доаѓа вокалот и емоцијата, многу сакам соул и џез музика, како и поп хитови, кои дозволуваат да преминеш во поинаква експресија, не сакам лимонатки и инстант хит песнички, каде како вокал не можеш да постигнеш вистинска импресија. Исто така ја сакам и рок музиката и секако македонската изворна песна. Сакам убава музика која ти го заигрува срцето и те растреперува.


Последно Ве видовме на „Макфест“, каде се претставивте со песната „Доцна е“, во придружба на танчери од Брејк а Лег и освоивте Награда за најдобар сценски настап. Но, не е првпат да се појавите на овој фестивал. Што е она што најмногу Ве мотивира да учествувате?

Да, тоа е воедно и моја прва награда на Макфест, и е доказ дека сум на вистинската патека за да продолжам со мојата работа. Наградите се секогаш добредојдени и ми се поттик за идните авторски делувања. Секако досега на настапите на фестивалите гледам да го подигнам нивото на професионализам, опкружена со луѓе кои оваа работа ја работат на највисоко ниво.

Брејк А Лег се одлични и се надевам на уште заеднички успеси на следните предизвици. Макфест го сакам затоа што е најреномираната музичка манифестација во Македонија и се одржува во мојот роден град Штип.

Го сакам и Охрид Фест и многу ми е жал што не се оддржува Скопскиот фестивал, реално нема многу простор за промоција и македонските медиуми многу малку простор отстапуваат за музика и култура и социјалните медиуми се единствен вистински медиум за поголема промоција на својата музика.


Моментално сте актуелна поради Вашиот нов сингл, „Ти си тој“, кој всушност беше промовиран на овогодинешниот Охрид Фест и доби две награди. Кажете ни малку повеќе за тоа, чива е продукцијата, текстот и музиката, а кој се потпишува позади аранжманот?

„Ти си тој“ е композиција која беше промовирана на овогодинешното издание на Охрид Фест, каде меѓу другото ја доби наградата „Долни Сарај“ како и трета награда од публиката. Како автори на песната се потпишани : Хрис Марин како композитор, Владимир Дојчиновски како аранжер и Огнен Неделковски како текстописец.

Оваа композиција доби и видео спот. Колку сте задоволна од приказната на спотот, дали беа земени предвид Вашите желби и идеи?

Видеото се снимаше на неколку локации на преубавото Мавровско езеро, во Леуново и Галичник, каде покрај мене во улога на раскажувач се појавуваат и двајца вљубени млади луѓе, за кои штотуку започнува љубовната приказна и пеперутките во стомакот.

Видео спотот го изработи продукцијата „Фабрика“, a ова е воедно и мое петто видео издание, со кое само се потврдува желбата и стремежот за богата музичка кариера исполнета со убави песни и видеo спотови.

За разлика од некои предходни мои видео спотови, овој некако беше полесен за снимање. Уживам кога сум на снимање и 15 часа, но и повеќе. Не почуствував никаков замор, екипата беше поуморна од мене.


Вие сте амбициозна жена која не запира, полна сте со идеи и сè уште неостварени цели. Затоа, што е она што наредно треба да го очекуваме од Вас, кои се Вашите идни музички планови?

Да, таква сум, самоуверена, амбициозна и не застанувам, не се потпирам на критики и пофалби, знам колку вредам и за што сум способна. Доколку нешто замислам мора да го реализирам и тоа на највисоко ниво и опкружена со професионалци.

За во иднина можам да ветам само многу музика и песни, моите досегашни не се инстант хитови и песни кои веднаш влегуваат во уво, но затоа сметам дека се безвременски и со поголема тежина.

Не сакам „тралалајки“ и по секоја цена да се следи трендот и модерното, иако сум отворена за соработка со сите композитори и автори. Се надевам дека напролет ќе го издадам својот прв официјален албум проследен со мала концертна промоција и секако, настапи на македонските музички фестивали.


Што би им порачале за крај на читателите на Точка?

Да си ги почитуваат и сакаат најблиските и пријателите, да грабат напред без разлика дали се работи за професионално или во семеен смисол, да не се откажуваат пред препреките и да го живеат животот во полна пареа.

Да не се ограничуваат во своите соништа и можности, бидејќи сето тоа што се прави со голема желба и љубов не може да не вроди со плод. Можеби нема да се случи за еден ден, по една песна или за еден хит, но доколку нешто вистински и искрено го работиш и сакаш, доколку си исполнет како човек со љубов и рабирање, многу си постигнал во животот, ниту пари, ниту популарност, ниту социјален статус не е мерило за среќа.

Живејте го животот до максимум, сакајте се и почитувајте се самите првенствено, потоа останатите околу вас и тоа е еден круг во кој можете да се погледнете пред огледало и да бидете задоволни со тоа што го гледате.

И за крај, сакам да изразам огромна благодарност до Точка за одвоеното време и простор во медиум кој е меѓу позначајните и секогаш со добра содржина и квалитет.

Автор: Цеце Николова
Фотографии: Приватна архива



Спонзорирани линкови

Маркетинг