Александра Јанева искрено за „Точка“: „Најголемата невистина која сум ја слушнала за себе низ град, пред да бидам во врска, е дека сум мажена и имам деца“

Точка

19/02/2024

22:45

101.656

Големина на фонт

а а а

Александра Јанева е една од поактуелните пејачки на македонската сцена во последниов период, а токму таа е сопственичка на едни од најубавите балади за кои со сигурност можеме да кажеме дека се за сечие уво.

Нејзината кариера низ годиниве постојано е во нагорна линија, а на приватен план исто така ѝ цветаат рози.

Кој е „рецептот“ за нејзиниот неоспорен успех во музиката, творењето, настапите, но и среќата на приватен план, Јанева открива во разговор за „Точка“.

1. Александра, како би се опишала себеси со три збора, а како те опишуваат другите?

Себеси би се опишала како: природна, ненаметлива и културна, а другите ме опишуваат како: скромна, мила и паметна.


2. Која е најголемата невистина која си ја слушнала за себе низ годиниве и како реагираше на тоа?

Многу одамна пред да бидам во врска слушнав за себе низ град дека сум била мажена и имам деца. :) Информацијата предизвика само насмевка кај мене, затоа што сум човек кој сака семејство и секако еден ден сакам таа невистина да се претвори во реалност.

3. Во јавноста си позната по својата креативност, прекрасен глас и музикалност. Дали отсекогаш знаеше дека ќе се занимаваш со музика и кога почна да „пливаш“ во музичките води?

За првпат аматерски застанав на сцена на 13 години, како дел од училишна манифестација, каде што изведував песна на француски јазик. Но, тогаш бев премногу мала за да знам дали ќе бидам доволно храбра и упорна за да издржам да го правам тоа. Мислам дека подоцна во гимназија, на свои 16 години кога пак решив да се појавам на сцена и ги пуштив првите солзи од грижи и стрес за тоа како ќе помине настапот, сфатив дека тоа ќе биде моја најголема љубов, секојдневна преокупација и среќа.


 4. Кога би имала можност да снимиш дует со светски познат пејач/пејачка, со кого би го направила тоа и зошто?

Отсекогаш ми било желба да застанам на сцена до Џеси Џеј. Покрај тоа што има уникатен глас и перформанс, ја обожувам нејзината смисла за хумор, искреност и емоција во сѐ што прави.

5. Во последниот период си многу активна на музички план, пред два месеци ја промовираше песната „Одвреме навреме“, а месецов „Дождови“. Од каде наоѓаш инспирација да создаваш музика толку често?

Музиката треба да се создава постојано. Со мојот соработник - композитор, многу често се смееме дека е важно да имаме многу песни и тие кои нема да ги објавиме си ги викаме зимница. :) Некогаш ќе посакаш и зимницата да ја отвориш и ќе дојде како еден убав зачин на менито кое си го подготвувал цела година. Инспирација е секојдневието, светот низ моите очи. Светските артисти, нивната неуморна борба да бидат секој ден сѐ подобри и подобри. Сѐ она што ми се случува мене и на моите блиски, а многу често се инспирирам и од она што ми пречи во општеството. Искривените вредности, преокупираноста со бројки или квантитет наместо квалитет.


6. Ни букет од рози не те пере сега, ни океани солзи не те вадат сега“, стихот од песната „Дождови“ којшто привлече огромно внимание кај публиката, на кого го посветуваш?

Во животот два пати сум добила извинување од личности кои ме повредиле, но не она вистинско извинување со зборови, туку со материјални нешта, поклони. Џабе се сите поклони ако некому не можеш повеќе да му веруваш и да го чувствуваш за близок. Јас ги посветив на нив, а верувам дека и публиката лесно се пронаоѓа во текстот и затоа и песната предизвика внимание.

7. Што се однесува до твоите музички настапи во Македонија, во кој град секогаш ти е драго да се вратиш за повторно да ја почувствуваш енергијата од публиката?

Секој град има различна, посебна публика. Не можам да одберам еден, затоа што секогаш е различно и постојано ме изненадуваат нови моменти, нова енергија. Само би кажала дека е многу поинтимно и поопуштено во помалите градови.


8. Љубовта е движечка сила која нѐ сплотува сите. Ти твојата љубов и мир ги најде покрај саканиот Иван. Како започна вашата љубовна приказна?

Се запознавме преку заеднички пријатели, но љубовта се случи 8-9 месеци подоцна откако почнавме сами да комуницираме на социјални мрежи. Кога се запознавме повторно без луѓе околу нас, имав чувство дека го познавам отсекогаш. Разговорот ни беше многу пријатен, природен и ниту јас ниту тој не се трудевме да си се допаднеме еден на друг по секоја цена. Тоа всушност и најмногу ми се допаѓаше, бевме искрени и свои еден пред друг.

9. Во ноември Иван те запроси на романтично патување во Париз, која беше првата мисла која ти „прелета“ во главата и дали сето тоа беше неочекувано за тебе?

Првата мисла ми беше да не ми се сецне и изгуби гласот кога ќе кажам да, од трема и возбуда (хахах...). Гласот не го изгубив, но дефинитивно бојата ми беше поинаква од обично. Знаев дека кога-тогаш ќе се случи, но тој момент на крај пак го дочекуваш неспремен и возбудата си го прави своето. И јас и тој бевме растреперени и среќни.


10. Од сите твои досегашни песни, која би му ја посветила на Иван и зошто?

„Најмило мое“, дефинитивно. Има еден стих во песната: „Среќата со тебе има адреса, а мојата среќа навистина е на негова адреса“.

11. Сите девојки од малечки сонуваат за својот најубав ден во животот – свадба! Дали јавноста годинава ќе ја види Александра Јанева во венчаница?

Свадбата е секако во најава, но датумот не го откриваме :)

Венчаницата ја имам во глава и едвај чекам да видам дали своите замисли ќе ги остварам така како што сакам.


12. Кои се твоите планови за во иднина, како на приватен, така и на музички план?

Работам на нова музика која ќе се најде на вториот албум. Веќе закажавме настапи и за во летото и знам дека цела 2024-та ќе биде распеана и забавна. Учам нови работи, сакам да се менувам и усовршувам во музиката и ветувам дека секогаш на публиката ќе и сервирам нешто ново од мене. На приватен план засега закажани ни се неколку патувања со мојот вереник, надвор од земјата.

13. За крај, што би им порачала на читателите на „Точка“?

Времето е чудна река, а уште почудни сме ние ако не знаеме да пливаме во неа. Работете на себе, бидете во тек со сите новости и учете по нешто од секого, независно дали е помалку или повеќе искусен од вас.




Спонзорирани линкови

Маркетинг