Стоилковски: Богојески е сменет поради неисполнување на партиските обврски

Макфакс

04/10/2018

17:08

1.369

Големина на фонт

а а а

Заменик-генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески, е разрешен на синоќешниот состанок на Извршниот комитет поради неисполнување на партиските обврски и задачи, вели партискиот портпарол Наум Стоилковски. Тој не сакаше да одговори дали истото ги чека и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, и реформаторот Костадин Богданов како членови на ИК кои гласа на референдумот.

„Како и во секоја партиска структура, секој кој има функција, има задолженија и обврски. Разрешен е поради несработување на тоа што му беше задача. Инсинуации се дека Богојески е тргнат поради негов став. Неговите обвинувања се негов став, а тоа што е сработено, а што не е сработено, се оценува од партиските тела“, рече Стоилковски.

Во однос на можно тајно гласање во Собранието за уставни измени, Стоилковски вели декa ВМРО-ПДМНЕ нема да прифати промена на Уставот за промена на уставното име.

„Сега сме на став дека референдумот е неуспешен, што е констатирано и од страна на ДИК. Договорот е неважечки, не може да има правни последици. Менување на Уставот е правна последица, а народот рече не. Заев и извршната власт и секоја друга институција треба да ја почитуваат волјата на над еден милион и 200 илјади граѓани“, порача Стоилковски.

Стоилковски не одговори конкретно зошто ВМРО-ДПМНЕ ги игнорира препораките на меѓународната заедница- да не се игнорира волјата на над 600 илјади граѓани кои гласаа „за“ на референдумот и процесот да продолжи во Собранието.

„Како да се почитува волјата на народот, а да продолжи процесот во Собранието? Ние не ги игнорираме, тоа се пријатели на Македонија и тие сакаат што побрзо да влеземе во евро-атлантските институции, но кршењето на Уставот и закони не е европска вредност“, рече партискиот портпарол.