Џејми Карагер беше задолжен за анализа во понеделничката програма на „Скај Спортс“, обраќање при кое му испрати порака на Јирген Клоп поврзана за Мохамед Салах, но исто така направи и своја студија за сето она што се случува во Манчестер Јунајтед.
Легендарниот стопер на Ливерпул како експерт за познатата англиска телевизија ги посочи сите лоши страни на Жозе Мурињо, а како негова најголема грешка го посочи тоа што ја загубил поддршката од соблекувалната, нешто што му се случува по трет пат во последните три клуба во кои беше тренер.
– Немам сомнеж дека ја има загубено соблекувалната по изјавата која ја даде на последниот прес. „Некои се обидуваат, а некои се обидуваат повеќе од другите“. Тоа е јасна прозивка до одредени играчи, а тоа значи дека ја има загубено својата соблекувална. Не е научна фантастика да се сфати такво нешто. Проблемот е во тоа што тој ја прави истата грешка по трет пат. Трет пат му се случува ова. Започна во Реал со Касиљас и Рамос, продолжи во Челси со Азар и останатите, а сега се случува и во Јунајтед со група предводена од Погба. Нема сомнеж дека тука постои огромен проблем. Мурињо не е тренер за долги проекти, секој тим во кој беше е успешен, но после третата сезона се е изгорено. Самиот тој, играчите и самиот клуб. Ако сте директор во Јунајтед, треба да мислите дали да се ослободите од Погба, Марсијал, Санчез и Баји, или од менаџерот којшто никаде не траел повеќе од три години. Тој нема да биде менаџер на Јунајтед следната сезона, може да добие отказ и многу порано ако не се поправи ситуацијата, – прогнозира Карагер.