Матерхорн (Ѓаволски рог) е еден од најопасните и најсмртоносните врвови во светот, кој е предизвик за секој сериозен планинар. Физичката подготвеност е едно, но за еден ваков потфат храброста и самодовербата треба да се на прво место, а потоа и одличната психичка подготвеност. Сето ова го имаше и планинарката Ирина Дишовска, која стана првата Македонка која се искачила на Матерхорн сама, без придружба на водич.
Дишовска е првата жена од Македонија што успеала да го искачи Матерхорн сама, без придружба на водич и тоа од италијанска страна.
Овој врв повеќе од еден век е еден од најголемите предизвици за алпинистите, но и своевидна туристичка атракција. Сепак, важи за еден од најсмртоносните врвови во светот, поради големите карпести предели, длабоките бездни и глечерите, кои го обвиваат.

Нејзината решителност и храброст да тргне во походот буквално сама е за секоја почит и восхит. Матерхорн не признава грешки и пропусти, а за тоа сведочи и самата Ирина, која напоменува дека за само неколку денови дури осум лица ги загубиле животите на врвот.
Таа е подготвена повторно да го искачи Матерхорн, но никогаш повторно нема да го направи тоа сама без придружба. Прочитајте ја целата приказна на Ирина:
„Матерхорн започна како една замисла дека во текот на животов би сакала да го искачам. Бидејќи има доста качувачи од Македонија кои веќе го имаат успешно реализирано искачувањето, консултациите со нив ми беа од голема важност за моите подготовки и воопшто за реализација на мојата идеја.
Некако решително со купени авионски карти на средината на Јули веќе се најдов во Италија.
Во периодот на подготовки немав многу можности да искачувам гребени во Македонија, па одлучив да останам во Алпскиот регион повеќе од две недели за да можам да искачам некои од гребените до 4000м кои ќе ми бидат и доволна аклиматизација за Матерхорн и воопшто дополнителна подготовка на телото и умот за движење на гребени со голема експонираност на висина од 4.000м.
Во тој период ги качив врвовите на гребените Aiguille D’entreves и Aiguille de Rochefort.
Деновите кон крајот на Јули беа со добра временска прогноза и по завршување на аклиматизацијата на телото едноставно само чекав добри денови за да тргнам нагоре. Во меѓувреме додека ги чекав деновите, се видов со Петар и Алек од ПК Македон, кои во тој период беа во Червиниа, и двајцата разговараа со мене за тоа што ме очекува при искачувањето, за какви потешкотии да бидам подготвена, но и ми дадоа поддршка која во тие моменти беше од големо значење за мене дека ете има некој кој верува дека сепак јас можам да го направам овој подвиг сама.
Денот пред да тргнам, ја проверивме прогнозата која ветуваше два дена убаво сончево време, и се уште со некој скептицизам за моите можности пред тргнување, сепак проверив во Канцеларијата за изнајмување водичи во Червиниа дали воопшто има можност да се изнајми водич кој би ми бил од огромна помош при качувањето со трасирање на рутата. Кога утрото дефинитивно ми беше кажано дека апсолутно нема никаква шанса за водич, тоа беше конечната моја одлука дека одам нагоре сама, дојдов до тука, во најмала рака ќе пробам да се искачам барем до домот Карел. Веднаш се јавив од хотелот да ми организираат такси служба, која ќе ме транспортира до домот Абрузо и од таму го започнувам искачувањето. Во Абрузо имаше голем број на качувачи, некои кои веќе качиле и други кои тргнуваат нагоре, и по мала консултација со некои од нив, во 11 часот го започнав искачувањето кон домот Карел.

[Почетокот на рутата од дом Абрузо кон домот Карел]
Првиот дел од качувањето кон Карел е предел кој што има поглед на градот Червиниа, се поминува покрај прекрасно алпско езеро и оддава впечаток на искачување кое можеби и нема да трае предолго и технички нема да е исцрпувачко. Како што се одминува првото брдо над Абрузо, веќе започнува карпест дел по којшто се искачував не со многу голема тешкотија, бидејќи сум човек на кој што карпите му се јака страна. Следува искачување на уште еден исто така карпест, меѓутоа овој пат технички позахтевен дел и веќе се гледа дека траверсирањето кон десно на рутата према домот, ќе се одвива по снег на кој што е неопходно користење на дерези. Веќе тука започнуваат малите потешкотии при движењето. Сама, без можност за наврска, на предел кој што е прекриен со снег, и истиот има провалија длабока неколку стотини метри. Можност за обезбедување е поставената на ферата која што на секои два метри беше под снег, па обезбедувањето со гуртна (daisy chain) по неа беше во постојано прекопчување на истата. По одминување на четири големи снежни џебови, веќе следува делот на посериозно искачување, а видикот на домот Карел делува смирувачки и се чини дека нема уште многу пат до него. Се излажав. До Карел следат сериозни качувања на ѕидови високи од 12-17 метри, на кои што има поставено фиксни бродски јажиња кои би требало да го олеснат движењето и во најмала рака да се обезбедам. Првите јажиња ги поминав поедноставно со оглед на тоа дека делот на кој беа фиксирани беше со нагиб кој дозволува да биде искачен. Последното јаже кое се наоѓа на 30тина метри под Карел е поставено на вертикален ѕид кој ја одзема буквално целата сурова сила која е потребна за истиот да се искачи. Вкупно 5 часа и 10 минути ми беа потребни да стигнам до домот Карел. Во 16.10ч стигнав во домот и бев пречекана со голем шок и неверување дека сум дојдена сама од сите присутни без исклучок.

[Вториот дел од рутата према домот Карел]
Одморот во Карел беше големо олеснување за мене, меѓутоа и можност да разговарам со некој од тамошните водичи кои се дојдени со свои клиенти и кои веќе точно знаат што ги очекува на рутата и истото ми беше пренесено и на мене како и на останатите групи кои ги имаше од различни страни на светот. Ни беше кажано дека најдобро е да се тргне во 3 часот наутро кон врвот, и дека онолку време колку што се качува од Абрузо до Карел, би ни било потребно и од Карел до врвот. Рутата е за цели 40% пократка, меѓутоа технички за уште толку проценти потешка. Очекувано, по испиена чаша чај, си најдов место за спиење на “третиот” спрат од Карел кој што од душекот кој што е поставен на земја за спиење, до самиот кров на Карел имаше максимум 30 цм кои беа евентуално доволни за нормално дишење во текот на ноќта. Спиењето не беше баш најпријатно, бидејќи постојаните одрони на мали камчиња од карпите кои се издигнуваат над Карел, правеа врева на секои 10-15 минути, а присутен беше и стресот дека во секој момент може да падне голем одрон на карпи и да не затрупа сите во домот.

[Фиксните јажиња кои се наоѓаат под самиот дом Карел]
Утрото во 2 часот веќе почнаа подготовките за тргнување кон врвот, а водичите со клиентите први излетаа кон врвот уште пред 3 часот, најверојатно за да имаат повеќе време со оглед на тоа дека клиентите се секогаш спори и несигурни во своите движења. Некаде околу 3.30 часот се договоривме сите останати да тргнеме нагоре, како би можеле да следиме група Полјаци кои веќе два пати биле до врв, но овој пат во друштво си земале нивни пријатели кои исто како нас одат за прв пат. Полјаците беа оние кои на нас би ни го трасирале патот во текот на ноќта поради слабата видливост. Тргнавме и веќе на 2 минути од Карел е првото фиксно бродско јаже. Исто како она што го споменав под Карел, меѓутоа ова беше високо околу 10 метри, а над него во десно завршува со околу 2 метри превис. На делот на превисот нема јаже, туку железен ланец кој во овој дел од ноќта беше прилично замрзнат и лизгав. Првите кои стигнаа до јажето беа Полјаците кои го трасираа патот за нагоре, и истите се задржаа можеби 10/15 минути во овој дел бидејќи девојките од групата имаа потешкотија да го поминат делот на јажето и превисот. Додека останатите чекавме под нив, од горе слушнавме гласови на водичите како се враќаат.

[Поставување јаже на превисот над дом Карел за симнување на ово дел]
Оние кои излетаа први кон врв уште пред 3 часот утрото. Ни беше кажано дека условите за движење нагоре се катастрофални и дека они не преземаат ризик за своите клиенти и го одлагаат качувањето за некој друг ден. Во овој момент се откажаа и оние кои чекавме долу за да го качиме јажето со превисот, меѓу нив група Полјаци, тројца Шпанци, Боливиец и Бразилец тандем, јас и уште тројца други. Еден по еден почнаа да се симнуваат према Карел, па истото го направив и јас. Во Карел се договоривме дека ќе тргнеме штом раздени. Подобро условите да ги увидиме на дневна светлина и доколку навистина не дозволуваат качување, симнувањето дење е многу поедноставно од симнувањето ноќе. Така и направивме, и во 5.30 часот повторно со целата опрема тргнав нагоре позади групата Полјаци. Овој пат веќе со поголема енергија и елан го поминав првото фиксно јаже. Веднаш потоа и останатите три. Нагоре искачувањето продолжува по карпи кои не се толку тешки за качување и водат до „La Grande Tour“ којашто е висока карпа која се издигнува на стотина метри над Карел и истата се издвојува од останатиот дел на гребенот. Од тука веќе започнува таканаречената Долина на мразот „Vallon des glacons“ и движењето по овој дел е со неопходно користење на дерезите. Навидум лесен дел, порамен, меѓутоа движењето по работ на гребенот бара огромна внимателност со оглед на тоа дека во тој момент нема ни каде да се обезбедам ни јас, ни останатите качувачи пред и позади мене.

[Почетокот на рутата која започнува веднаш над дом Карел и води кон врвот]
Насоката на движење продолжува во десно од кадешто започнува искачување на сериозен нагиб, прекриен целосно со снег кој во овие моменти беше тврд и замрзнат што овозможуваше и постабилно движење на него со дерези и цепин. Нагибот е долг околу 30тина метри, меѓутоа од појдовната точка надолу има сигурно уште 150 метри длабока провалија, која дополнително го забрзува пулсот на срцето додека се искачува истиот. Од десно излезот завршува во лево и повторно се наоѓаме на гребен, кој овој пат е доста пострмен, и технички тежок дел за искачување. Овој дел се нарекува Вратоврска (Cravatta) и се поминува долг период бидејќи движењето на телото е цик-цак за да може да се најдат поубави фатишта за раце и нозе со оглед на тоа дека на нас се уште имаме дерези и истите не ги вадиме до 4.300м над „Pic Tyndall“, каде се очекува нагоре до врв да нема веќе снег. Во овој дел ги следев движењата на групата пред мене, кои во овие моменти беа навистина клучни за поминување на гребенот кој води до „Pic Tyndall“. Самата експонираност на овој дел, и технички поголема оцена од останатиот поминат до сега, ми го одзема времето и овие помалку од 100тина метри ги поминувам дури час и половина. Веднаш штом се искачив на „Pic Tyndall“ од тука веќе има многу убав видик кон врвот, и крстот кој се издигнува на самиот врв, како и фиксните јажиња под врвот и познатите „Џорданови скали“ кои се последната фиксна точка пред излез на самиот врв.

[Последното фиксно јаже и “Џордановите скали” кои се последна фиксна точка пред излез на врвот]
Од Pic Tyndall направив мала пауза за да се соземам и одморам од она што го поминав до тука. Во моментите на одмор останатите групи веќе ме одминаа и останав буквално последна позади сите. Морав да го продолжам искачувањето кон фиксните јажиња, кое се одвива технички тешко, меѓутоа без голема експонираност на карпите, па чувството дека сум побезбедна ми даде малку повеќе сила за побрзо да го одминам овој дел. Од местото викано Enjmbee - Џамби скок рутата веќе води во десно, и почнувааат искачувањата по фиксираните бродски јажиња кои се последните јажиња под самиот врв. Првите две ги поминав во лет. На третото вертикалата беше со голем нагиб, заморот од искачувањето си го направи своето и морав да застанам да одморам повторно за да соберам сила да го поминам последното фиксно јаже и Џордановите скали и да се најдам и јас на врвот. Оние кои ме одминаа подолу, веќе се на врвот. Искрено во овие моменти не ми беше ни тоа толку важно, бидејќи чувствував потреба дека треба да одморам и не верувам дека овој дел ќе го поминев ако продолжев да качувам без одмор.

[Домот Карел]
Групите кои се симнуваа ме одминуваа, а имаше и групи кои качувале од Хорнли гребенот па од оваа страна го симнуваат врвот. Со последни сили пробав да го качам последното фиксно јаже под Џордановите скали, и ми беа потребни цели 10 минути (можеби и повеќе) за да ги поминам тие 15тина метри. Навистина исцрпувачки. Под скалите погледнав нагоре и знаев дека тоа е тоа. Последно скалило до врвот. Групата Полјаци кои ги следев по целиот пат веќе го започна спуштањето. Кога се пресретнавме под Џордановите скали погледнав еден од нив и како да прочита дека јас навистина сум последна на врвот, истиот ми предложи да ме почека за да не се симнувам сама. Им кажа на останатите да се стационираат на едно место, да направат пауза додека јас буквално претрчам по скалите до врвот со него. Не се сеќавам како ги поминав Џордановите скали. Знам само дека како излегував на самиот гребен крстот се издигна пред мене и почнав да плачам. Мислам дека на самиот врв не се задржав повеќе од 15 секунди.

[Задната страна на домот Карел]
Јас крстот и никој друг. Набрзина направив една слика со телефон и полјакот ме сликна од далеку со Гоупро камерата и веднаш без да кажам ни збор започнав со спуштањето кон Џордановите скали. Тука му кажав дека имам 60 метарско јаже со мене. Истиот ми предложи да го користиме моето јаже за симнувањето на сите шесторица да ни оди побрзо и полесно со абзелување. Така и направивме. Симнувањето е исто така исцрпувачки. Технички не многу тешко, меѓутоа абзелувањето одзема време, извлекување на јаже, премостување, поставување на следен клин итн. Шест часа ми беа потребни да го искачам врвот од Карел. Уште седум часа ми беа потребни дополнително да се симнам до Карел. Повеќе од 20 абзелувања. Болки во мускулите на рацете, но полна душа среќа.

[Абзелување]
Во Карел бевме малку пред 20 часот. Исцрпена но среќна, легнав побрзо да заспијам за утрото да го симнам делот од Карел до домот Абрузо. Дел кој не треба да се потценува. Утрото околу 7 часот го започнавме спуштањето сите заедно. Пет абзелувања под домот Карел, и остатокот од рутата отпењавање. Околу 11.30 часот веќе бевме во домот Абрузо. Во 12 часот на пладне започна голема бура со силен ветер и дожд. Среќни дека ја избегнавме бурата, по еден обилен оброк во Абрузо, задоволни се спуштивме во Червиниа.

[Абзелување од домот Карел према дом Абрузо]
Ако ме прашате дали би одела пак. Можеби да. Сама по оваа рута, никогаш повеќе.
Се надевам дека ви доловив барем дел од она што го искусив на ова качување. Ви посакувам на сите кои сакате да се искачите на Матерхорн да го направите тоа, со стравопочит кон врвот. Но, стравопочитта никогаш не смее да биде поголема од самодовербата.

[Последици од искачувањето]
Ќе морам за крај да напоменам дека за време на искачувањето бев сведок на несреќен случај каде еден од качувачите излизга низ гребенот под Pic Tyndall. Уште еден качувач од Полјаците за жал го изгуби животот на симнувањето од домот Карел до домот Абрузо. Билансот во Червиниа покажа дека овие денови додека траеше мојата аклиматизација, искачување и симнување на Матерхорн, дури 8 луѓе ги оставија животите на Матерхорн. Ви благодарам на сите за поддршката која ми ја дававте во текот на целото реализирање на овој подвиг. Посебна благодарност до Александар Кирковски за секоја информација која ми беше од огромна важност за моето искачување да биде успешно. Огромна благодарност до Сашо Николовски, Гоце Николовски, Зоран Мајсторски, Саша Грбиќ и Петар Ивановски кои неприкосновено ме бодреа за цело време на моето качување, давајќи ми совети, поддршка да успеам но и поддршка да се откажам ако осетам дека едноставно овој пат нема да можам.
И за крај едно извинување на сите мои драги пријатели и мојот најдобар пријател, мојата сестра Марија за сиот стрес кој го доживеа за време на моето искачување, на кое што останавме без можност за контакт повеќе од 24 часа. Ви благодарам уште еднаш на сите.

[Стариот дом Карел изграден во 1968 година и кој во автентична состојба е симнат од 3.850м во градот Червиниа и е своевидна атракција.]














