Како да направите поинаква роденденска прослава?

Точка

10/05/2018

15:47

11.998

Големина на фонт

а а а

Торта расцепкана на размачкани парчиња, гости кои доцнат повеќе од еден час, руска салата, кифлички и куп неуспешни фотки објавени на Facebook – најчестата реалност на нашите родендени.

Сите би сакале да направиме нешто поинакво, да направиме забава за која ќе се зборува или барем ќе изгледа добро на Instagram. Поминуваме денови “чешлајќи” го Pinterest во потрага по идеи, но на крај се откажуваме смјетајќи дека треба премногу труд за сето тоа. 

А најчесто, се’ што е потребно е еден ден добра организација и изведба, зачинета со љубов и забава. Сепак е роденден, зар не?

Доколку не знаете од каде да почнете, разгледајте ги овие неколку идеи кои ќе ви помогнат да ја разиграте имагинацијата и да приредите роденденска забава за паметење, а и за фоткањe.

1. Здодевната правоаголна чоколадна торта заменете ја со некоја друга интересна форма. На крајот, па и не мора ни да биде торта! 

Што мислите за идејата чоколадни мафини наместо торта? Земете готова смеса и готови се за неколку минути. Потоа сервирајте ги ги на голема кружна подлога едни врз други, и имате пирамида од соништата! Буквално не постојат граници на креативноста за нивно декорирање, можете и да испишете пораки на нив, па дури и да ги персонализирате за секој гостин одделно. Нема картонски кутии, нема фрижидери, сечење на парчиња и хаос од чоколадни дамки. Гостите едноставно си земаат парче од “тортата”, а купот полека се намалува.  


2. Најдете алтернативна локација

Лути соседи поради прегласната музика и два дена чистење се најчестиот резултат од домашните родендени, па како алтернатива за прославата веднаш помислуваме на ресторан или кафуле. Но, тоа и не е баш евтина варијанта.  

А за добра идеја, не требаат многу пари. На пример, покривот од зградата кој кај нас најмногу се користи за... ништо. Или за сушење на чаршафи. Или за првиот бакнеж на некој љубопитен средношколец.

Полесно е да се договорите со соседите да ја пренесете својата бучава на покривот каде не се слуша толку, купете новогодишни светилки и закачете ги насекаде, дури и да е лето. А ако е лето, уште поубаво – гумено базенче, пулт каде гостите можат сами да ги измешаат своите коктели и voila! Тропска забава на покривот и зајдисонце за паметење!

Или, роденденски пикник во градскиот парк, каде гостите ќе можат да ги поканат и своите миленичиња. Посебно тука, тортата од мафини е практична идеја, а солените мафини супер алтернатива за традиционалните кифлички.

А ако сте родени во зима и овие идеи не функционираат за вас, закупете escape room, натерајте ги гостите преку акција и авантура да стигнат до последната просторија каде ги чека забавата и тортата – вашиот роденден дефинитивно ќе биде запаметен.


3. Наместо да чекате подароци, подарете им нешто на вашите гости! 

Колку би се радувале вие ако добиете неочекуван подарок таму каде што најмалку очекувате? Затоа, купете или изнајмете полароид апарат за фотографирање и подарете ја потпишаната фотка од вас на гостинот со кој сте се сликале. Или, испишете ги вашите желби и мисли за гостите на мали картички, закачете ги на балони полни со хелиум и направете супер забава каде сите заедно ќе ги пуштите добрите желби да одлетаат во височините. Нека целиот град знае дека некаде има добра журка!  

4. И садовите за сервирање можат да бидат забавни

Наместо здодевните пластични чашки и чинивчиња кои само создаваат отпад, направете свои садови за сервирање – декорирајте мали теглички кои ќе служат за сервирање на пијалоците, а грицките ставете ги во нешто сосема неочекувано како топка од стар лустер, саксии со лажно цвеќе, па дури и во превртен отворен чадор! А алкохолот наместо во течна форма, сервирајте го во калапи од шарено желе. Се разбира, потсетете ги гостите дека и тоа е алкохол и не треба да се претерува.  

5. Нека музиката биде за сите! 

Обично, музиката е по избор на славеникот, или има ангажирано диџеј. Но, во првиот случај славеникот го поминува половина роденден расправајќи се со музичките избори и желби на гостите, а во вториот случај, троши пари за ангажман на диџејот. 

Наместо тоа, донесете лаптоп, звучници и микрофон, и направете караоке роденден! Така, сите ќе бидат задоволни од изборот на музиката, а многумина ќе се охрабрат да пеат бидејќи роденден е поинтимна прослава од пеење во караоке бар. Можеби следната Каролина се крие токму меѓу вашите гости!



Спонзорирани линкови

Маркетинг