Новиот iPad не носи некои револуционерни новитети - има А10 процесор и поддршка за "stylus", а цената на пазарот во САД ќе изнесува 329 долари.
Apple го претстави новиот модел на iPad со цена од 329 долари, кој всушност не носи некои големи промени и новитети, освен поддршката за користење на пенкало (за кое што, секако, ќе мора да доплатите), но сигурно е дека ќе привлече голем број на љубители на оваа компанија кои што размислуваат да купат нов таблет.
Новиот модел на iPad пристигнува со класичните опции на кои што се имаме навикнато на претходните модели - големината на екранот изнесува 9,7-инчи, батеријата трае десетина часа, на задната страна се наоѓа камера од 8 мегапиксели која што снима видеа во 1080p резолуција, додека на предната страна се наоѓа FaceTime HD камера за видео разговори и на дното од екранот Touch ID.
Освен поддршката за "stylus", новост е и подобриот А10 процесор со кој што Apple гарантира дека таблетот ќе биде побрз. Сепак, тоа што недостасува е приклучок за Smart Keyboard каков што има iPad Pro.
Од Apple се надеваат дека новиот таблет ќе се најде во училниците ширум САД, па го претставија и надградениот софтвер - нова верзија на Pages, Numbers и Keynote, кои што сега поддржуваат "stylus".
Освен Apple, новитети за iPad претставија и од Logitech - новиот "stylus" чија што цена изнесува 49 долари и футрола за заштита која што може да се користи и како тастатура. Нејзината цена изнесува 99 долари, но се чини дека, барем на почетокот, овој уред нема да се појави во продажба, туку ќе биде наменет само за едукативните установи и користење во училиштата.