Новинарите на Bloomberg тврдат дека Apple на есен ќе претстави три нови модели од кои што еден ќе биде најголемиот iPhone кој што е произведен досега.
Станува збор за „потврда“ на гласините кои што се појавија кон крајот на минатата година дека Тим Кук и екипата се подготвуваат за таканаречен суперциклус во кој што се очекува голем пораст на продажбата на телефоните на Apple, а според тие информации, американската компанија оваа година најверојатно ќе претстави три модели на паметни телефони.
Секако, најголем новитет минатата година беше iPhone X, првиот уред на Apple со екран „од раб до раб“ и OLED екран, а оваа година Apple би требало да го претстави неговиот наследник, односно неговата поголема верзија iPhone X Plus и класичниот iPhone кој ќе има LCD екран како и iPhone 8/8 Plus.
Според податоците на Bloomberg, новиот iPhone X Plus ќе го има еден од најголемите екрани на пазарот - дијагонала од дури 6,5-инчи и резолуција од 1242 x 2688, но димензиите на самиот уред се очекува да бидат слични на iPhone 8 Plus, затоа што iPhone X Plus ќе има екран „од раб до раб“.
Токму iPhone X Plus ќе биде најдобриот и најмоќен телефон на Apple и според Bloomberg овој телефон ќе им биде најинтересен на корисниците.
Освен сите технологии кои што моментално ги има iPhone X, моделот Plus на некои пазари би можел да има и два слота за SIM картичка, а исто така познато е дека трите нови модели ќе работат на најновата верзија на iOS оперативниот систем и ќе бидат опремени со новата и помоќна генерација на хардвер (A12 процесор).
Сепак, иако најголемиот дел од корисниците ги интересира цената, од Bloomberg сепак не објавија ништо поврзано со тоа и само напоменаа дека до септември некои планови на Apple сепак би можеле да се променат.