Турција со нова закана до Американците: Ако бидете меѓу терористите во Сирија, ќе бидете на наша мета!

Точка

05/02/2018

16:12

2.250

Големина на фонт

а а а

Турските власти повторно упатија закана до американските војници кои што се распоредени во градовите на северот на Сирија каде што трае операцијата на турската армија.

Заменик турскиот премиер, Бекир Боздаг порача дека американските војници кои што се борат заедно со сириските курдски борци и носат исти униформи, би можеле да станат мета на нападите на турската армија, затоа што ќе биде тешко да се процени кој е кој додека траат нападите.

Ова е уште една закана до Вашингтон која што доаѓа од Анкара - да потсетиме, само пред неколку дена турските власти исто така порачаа дека американската војска мора „веднаш да го напушти“ просторот околу сирискиот град Манбиџ.

Станува збор за територија која што е под контрола на курдските Единици за народна заштита "YPG", а исто така, на истата територија одредена присутност имаат и американските сили. Сепак, во меѓувреме се огласија од Вашингтон и порачаа дека немаат намера да ги повлечат своите војници.


Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган најави проширување на турската воена операција и најави напад токму на градот Манбиџ каде што се распоредени и силите на американската армија. Тој порача дека Американците ќе мора да се повлечат пред нападот на турската армија.

Сепак, набрзо се огласи портпаролот на американската воена коалиција во Сирија, полковник Рајан Дилон, кој што порача: „Ќе продолжиме да ги поддржуваме Сириските демократски сили во борбата против Исламската држава. Тоа го истакнуваме сето ова време и тоа им го дадовме до знаење и на курдските елементи во Сириските демократски сили. Ќе продолжиме да им даваме опрема која што им е потребна за елиминација на Исламската држава“.


Додека ситуацијата на северот на Сирија и натаму е максимално тензична и сите стравуваат од судир на турската и американската армија, двата сојузници од НАТО Алијансата, Боздаг порача дека турската армија ако одлучи да нападне, нема да може да ги препознае американските војници.

„Ако американските војници носат терористичка униформа и ако се наоѓаат меѓу терористите, тогаш нема начин ние да знаеме кој е кој“, изјави Боздаг и додаде дека „секое лице кое што носи оружје и се бори на страната на терористите претставува мета за турската армија“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг