ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Спасовски го штител газдата на „Пулс“

Макфакс

12/10/2025

17:39

187

Големина на фонт

а а а

Дали Оливер Спасовски се јавувал во СВР Штип и барал да се р’же на полицијата во Кочани за спас на газдата на дискотеката „Пулс“? Што кријат Јавното обвинителство и Коцевски? Овие прашања денеска на прес-конференција ги постави Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на информации, односно на наводна телефонска конверзација меѓу синот на сопственикот на т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани и извесно лице што викендов беа објавени од дел од медиумите.

Според Андоновска овие, како што ги нарече, фрапантни сознанија покажуваат вмешаност на врвот на претходната Влада на СДСМ со нелегалното работење на „Пулс“, каде во пожар на 16 март годинава загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

„Од конверзацијата се влече логичниот заклучок дека власта на СДС вешто го штитела газдата на „Пулс“, а во тоа биле вмешани и министри. Имено според објавеното во медиумите, на 17 февруари 2022 година, синот на газдата Дејан Јованов – Деко, Михаил, се јавува до извесна Бојана и ја известува дека Оливер Спасовски (тогашен министер за внатрешни работи) се јавувал во СВР Штип, за да ургира за дискотеката. И тоа со зборовите – ‘Оливер Спасовски се е јавувал у Штип у полицијата за нас’. По што Бојана го прашува Михаил зошто се јавувал Оливер Спасовски, дали за да ја намалат казната и за каква казна станува збор? По што Михаил ѝ кажува дека добил информација за казна која требало да им биде наплатена од УЈП, во висина од 40 000 евра ѝ дека ургенцијата била со цел да не им досадува полицијата. ‘И он кажал тој началникот од Кочани утре одма на информативен разговор да дојде … кај началникот за Источна Македонија… ќе им с’ржат малку… да се п….т“ завршува Михаил“, наведе Андоновска.

Во таа насока, таа го повика Јавното обвинителство и првиот човек на оваа институцијата, Љупчо Коцевски да кажат дали истражиле и дали го повикале ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на информативен разговор, дали е извршена проверка во полицијата во Штип и Кочани и дали постоела негова ургенција.

„Дали ЈО и Љупчо Коцевски постапиле според закон, или го кријат и штитат Оливер Спасовски? ЈО и Љупчо Коцевски да не молчат.Каква е улогата на Оливер Спасовски во заштитата на газдата на дискотеката ‘Пулс’ и работата на дискотеката?“, рече Андоновска.