Специјалниот претставник на Обединетите нации во спорот за името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, во Атина во вторникот ќе се сретне грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас и со фунцкионери за надворешна политика во опозициската Нова Демократија, Јоргос Кумуцакос.
Состаноците и разговорите во Грција, Метју Нимиц, ќе ги започне во 10.30 часот по локално време, со средба со Кумуцакос, во хотел во центарот на Атина. Според грчките медиуми, средбата со одговорниот за надворешна политика е по барање на медијаторот.
Три часа подоцна, во 13.30, јавува дописникот на МИА од Атина, специјалниот претставник на ОН ќе се сртене со министерот за надворешни работи на Грција, а веднаш по состанокот, според официјалното соопштение од грчкото МНР, Никос Коѕијас и Метју Нимиц, разговорите ќе ги продолжат на работен ручек.
По Атина, Нимиц утре доаѓа во македонија на дводневни срдби со македонскиот државен врв.
Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека верува оти може да се најде национален консензус во функција на решавање на проблемот со името, додека портпаролот на грчката Влада Димитрис Ѕанакопулос излезе со проценка дека постои приближување на позициите на владата со дел од грчките партии.
Заев рече дека верува оти може да се најде национален консензус во функција на решавање на проблемот со името, а не во функција на негово блокирање или повтoрно одложување и сега е вистински момент да се реши ова прашање.
„Важно е да внимаваме и на грчката страна, бидејќи можеби решението ќе биде прифатливо за нас, а нема да помине во Грција или обратно, може ќе биде прифатливо за грчката,стрна, а нема да помине тука“, рече Заев.
Истакна дека на состанокот во саботата ги споделиле сите можни информации што ги имаат со министерот за надворешни работи кои дојдоа од преговарачот за името Васко Наумовски.
„ Изградивме стратегија, а јас презентирав како во иднина ќе настапиме“, Заев додавајќи дека дебатата е отворена.
На медијаторот Метју Нимиц, кој од утре ќе ја почне посетата на двете земји, како што кажа, ќе му ги пренесат сите наши ставови со сите аргументации и додаде дека во тие ставови има грижа и за грчката страна, бидејќи, потенцира, цел ни е тоа да помине и во Грција.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи оцени дека е добро што почнале разговорите со опозицијата за постигнување консензус во државата во однос на спорот за името во пресрет на посетата на медијаторот на ОН Метју Нимиц.
„ Тоа дава оптимизам и надеж дека со еден консензус ќе изградиме државен став што ќе ја подобри позицијата на државата во пресрет на затворање на овој спор“, истакна Османи.
Во меѓувреме, проценка дека постои приближување на позициите на владата со дел од грчките партии, а со тоа и дека евентуалниот договор ќе биде изгласан во грчкиот парламент, но и дека Панос Каменос нема да создава проблеми, изрази денеска портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос.
„Во преговорите доаѓаме со националната позиција, односно сложено име со временска или географска одредница, повлекување на иредентистичките позиции и ставови на соседот. Доколку врз основа на ова се постигне договор, целосно сум сигурен дека нема да имаме само парламентарно мнозинство, туку ќе имаме широко парламентарно мнозинство“, рече Ѕанакопулос.
Лидерот на Независни Грци, коалицискиот партнер во грчката влада и актуелен министер за одбрана Панос Каменос, во меѓувреме рече дека не верува дека до Самитот на НАТО ќе се исполнат сите предуслови за решение на проблемот, одговарајќи на новинарско прашање што ќе прави на следниот состанок на северно атлантската алијанса.
Според него, преговорите ќе траат долго, потребно е да се направат уставни промени „поради иредентистичките позиции“, а неговата партија не отстапува од позицијата во името да не биде вклучен терминот Македонија.