Неговото пишување е како возење на тобоган. Во еден момент ве „топи“ со длабоките емотивни пасуси и искрени ликови, а во следниот шиканира со бизарноста и суровоста на ситуацијата. Затоа е и најпознатиот холандски и европски писател и поет, кој вешто го вплеткува читателот во неговиот реалистично-магисти свет, оставајќи го со подзината уста во текот на целото дело.
Во гестикулацијата, погледот, начинот на зборување и гласот доминира спокој и мекост. А, преку уникатниот начин на облекување се отсликува и неговата ислучително интересна личност. Сив костум со ретро дизајн, шарена модро-сина кошула, кравата во риги и чевли во дречава нијанса, кои отскокнуваат од целиот моден концепт и многу детаљи: беџови и прстени.
Оддава впечаток на италијански господин од старите црно-бели филмови, иако неговото потекло не е оттаму. Илја Леонард Фајфер (49) е единствениот холански автор кој за своите 14 романи и неколку збирки поезија ги добил најпрестижните европски литературни награди, со што го добива ептитетот и еден од најчитаните европски автори денес.
Во Скопје беше гостин на „Букстар“ фестивал на европска литература, кој траеше од 25 октомври до 5 ноември. Неговиот претпоследен роман „La Superba“ (издавач: „Антолог“) посветен на градот Џенова каде Илја живее веќе 9 години е преведен и на македонски јазик. Делото е траги-комична приказна за холандскиот писател кој навлегува длабоко во суштината на градот и ја доживува и најсјајната, но и најтемна димензија. Бевме со Илја на чај со рум „зачинет“ со тутун и хумор...
Вашето доаѓање од Холандија во Италија, односно во Џенова каде живеете од 2008 година, го нарекувате само случајност. Сега градот е Ваш дом и место каде одлучивте да ги поминете годините што следуваат...
Илја: Да. Летото 2008 година одлучив да тргнам на пат за Рим. Со велосипед - потег што од денешен аспект го сметам за многу глупава идеја. Поминав илјадници километри. Возев по рамници и планини (Алпите), низ Белгија, низ Франција... се спуштив до Ница, Марсеј, а потоа кон Италија и така стигнав до Џенова. Кога пристигнав таму се вљубив во градот. Немам подобар збор за да го опиша моето чувство, освен вљубување. Морав да продолжам кон Рим, зашто на многу пријатели им кажав дека тој град ќе биде мојата крајна дестинација и за да не бидам кукавица продолжив да возам. Го видов Рим и веднаш се вратив во Џенова. Одлучив да останам неколку месеци таму, кои постојано ги продолжував и ете поминаа 9 години.
Таму ја пронајдовте и вистинската љубов. Зборуваме за личност, за жена. Дали е таа најубавата девојка во Џенова, како што пишувате во романот?
Илја: Да. Таа е една од многуте причини заради која одлучив да останам во Џенова. Таа е токму како во романот: Најубавата девојка таму! Живееме заедно и сум многу среќен со неа. Најчесто имаме многу релаксирани денови. Јас се будам рано, а потоа ми треба скоро еден час да ја пробудам и неа (се смее). Одиме во локалното кафуле или ресторан на кафе или доручек. Таа оди на работа во уметничката галерија, а јас останувам и пишувам на отворено, со поглед вперен во хоризонтот. Убаво ми е!
Во романот, терминот љубов никогаш не се појавува во стеротипна, едноставна форма... Туку се провира меѓу зборовите и речениците. За Вас љубовта е...?
Илја: Прашањево звучи едноставно, а е многу тешко. Сè уште учам за љубовта. Точно е дека во романот зборот љубов не се појавува воопшто и има две причини за тоа. Едната е дека кога ја пишував книгата не знаев што е тоа љубов, а втората е дека не сакам да го користам зборот, зашто е празен. Затоа кога пишувам за љубовта преферирам да ја направам видлива, да ја опишам во детаљи за да ја почувствува читателот. Не сум заинтересиран да пишувам за совршената, фина, пријатна и убава љубов. Туку за трауматичната, изгубена, пропадната... За недоразбирањата.
Холандскиот систем, околина, менталитет е потполно поинаков од италијанскиот. Се прилагодувате се уште? Ви прија, ве фрустрира или...?
Илја: Тој интересен процес сè уште трае. Се интегрирам и учам. Колку подолго сум таму, сè повеќе ги согледувам разликите меѓу двете земји. На почетокот си велев: „Сепак е ова европска земја, членка на Европската Унија и има систем“, но како минуваа деновите сфаќам дека не е така.
Навистина ли Ви здодеа совршеноста на Западна Европа, како што пишувате во романот?
Илја: Да. Тој дел од книгата не е фикција, туку факт (се смее). Четириесет години живеев во Холандија и ништо не ме принуди за да заминам во друга држава. Го сакав животот таму, ми беше удобно, лесно... Но, откако ја посетив Џенова сфатив дека тој живот ми бил дури прекомфорен (се смее). Џенова ми ја даде можноста повторно да бидам изненаден, нешто што одамна го имав загубено. Интересно е навистина. Холандија е скоро совршена земја. Често патувам таму заради мојата работа. Немам никакви проблеми со државата, но ме зачудува тоа што холанѓаните повторно се жалат. И покрај сета совршеност на системот. Тие се толку размазени и не знаат што се вистински проблеми.
Се сеќавам кога пред неколку месеци отпатував таму за да ја обновам патнат дозвола. Си мислев дека за тоа ќе ми биде потребен еден ден, а не како во Италија 20 денови за бирократски работи. Отидов во општината, им реков што ми треба и за 10 минути ми дадоа нов пасош. Бев изнервиран! Што, по ѓаволите ќе правам сега цел ден?! (се смее)
Една од причините со која ме воодушеви Скопје е миксот на реалност и фантазија во исто време, кои е преплетуваат. Толку е лажен градов на моменти. И тоа ме тера да го истражувам. Но, не мора се да ми се допадне за да ми биде интересно. Сакам да бидам изненаден. Може да ме изненади убав разговор или град како Скопје. Фасцинирам сум од градов. Толку е различен... Убав и грд во исто време. Тоа го барам и од уметноста. Барам да ме изненади! Ако не го постигне тоа, не вреди! Во модерната уметност има премногу мастурбација. Тоа се уметници кои не сакаат да создаваат уметност, туку само да бидат уметници
Како живеете во Џенова? Дали е сјаен и во исто време валкан и темен, токму онаков каков што го опишувате во „La Superba“?
Илја: Животот во Џенова е преубав. Има многу фикција во книгата во однос на некои ситуации, но Џенова е опишан токму каков што е. Сакав пејсажот да биде реален и затоа го опишувам во детаљи, виден низ моите очи. Џенова е место полно контрасти, исто како и Скопје. Центарот е историскиот дел од градот, со средновековна архитектура. Таму живеат различни луѓе и тоа е она што ве фасцинира. И не е туристички како останатите градови во Италија, на пример Венеција, Фиренца или Рим. Заради бројните туристи овие градови ја загубија автентичноста. Додека уникатноста на Џенова е зачувана, токму заради малиот број туристи. Затоа е и валкан и го има мирисот на опасност, а мене тоа ми се допаѓа.
Освен на личните искушенија на ликот од романот, скоро половина од страниците се посветени на темата имиграција. Таму се сретнуваат два типа имигранти, едните од Западна Европа (меѓу кои сте и Вие) кои се третирани со сите почести и вторите од Африка, кои се непожелни. Како гледате на тоа: граѓани од прв, втор и трет ред? Зарем немаме сите еднакво право на оваа планета и нејзините богатства?
За мене ваквата поделба е неприфатлива. За среќа има и промени на подобро. На пример, градоначалникот на Палермо е про-имигрантски настроен и на сите кои доаѓаат од другите земји им дава дозвола за престој. Тој изјави: „И имиграцијата е човечко право. Никој не треба да биде проколнат во местото каде е роден“. И се согласувам со тоа. Проблемите за имиграцијата ги открив откако дојдов во Џенова.
Во Холандија тоа се чини како многу далечен проблем и потонувањето на уште еден брод со 50-тина имигранти од Африка е само вест на 11-тата страница во дневниот весник. И ништо повеќе од тоа. Во Џенова имиграцијата е многу видлива бидејќи е пристаниште каде доаѓаат имигранти. Интересно е што тие не престојуваат во предградијата на градот, туку во самиот центар каде живеат италијанците.
Почнав да истражувам за таа ситуација, да разговарам со луѓето и кога ја пишував книгата знаев дека токму имиграцијата треба да биде една од главните теми. Тоа го карактеризира градот. Иднината на Европа зависи од прашањето дали ќе најдеме соодветно решение за тој проблем. Ние сме одговорни за сиромаштијата, за војните... за иднината. И треба да бидеме свесни за нашите постапки.
Дали Вашата книга е преведена на италијански јазик?
Илја: Во моментов се преведува. И знам дека откако ќе биде пуштена во печат на италијански јазик и ќе се најде во рацете на моите сограѓани од Џенова, тоа ќе значи крај за мене во тој град. Ќе мора да го напуштам (се смее).
Ќе цитирам една Ваша мисла: „Се сонував себе си. И тогаш си дадов слобода да постојам“. Дали е тоа најтешката задача што ја имаме како луѓе?
Илја: Да. Тоа е најтешко. Многу луѓе мислат дека постојат, но не е така. Тие се зомби. И станува сè полошо заради економскиот систем и тоа што луѓето мислат дека работата е најважното нешто на светот. Сето тоа потполно не оттргнува од вистинските вредности. Тука е и најголемата болест на денешницата – мултитаксингот што според мене е најглупавото нешто што може да си го направиме на себе си. Гледам сè повеќе луѓе кои престанале да мислат. Некои тоа тоа го сметаат за луксуз, зашто од многу работа (работење глупави нешта) не можат да си го дозволат, а дел зашто мислењето ги застрашува. Немаат храброст да застанат во тишина и да размислуваат. Застрашени се од помислата што сè ќе откријат за себе. Тишината е редок комодитет денес!
Социјалните мрежи, на пример се дизајнирани за да ги поставуваме моментите од секојдневниот живот, што мислиме сега, што правиме... Но, начинот на кој луѓето го користат е потполно погрешен – создаваат некој имиџ за себе си кој нема допирна точка со она што навистина се.
Пишува: Гордана Настевска Манасиевска
Фото: Бојан Стоилковски
Нотесот и пенкалото со мастило се секогаш во левиот џеб од моето палто. Првите забелешки или груби скици за некој роман или расказ или поема, ги пишувам таму, а потоа во компјутерот. Сакам да пишувам со рака...
Секој прстен има своја приказна. Купени се во Џенова, секако. Верверичката е симбол за изненадување, па затоа потполно соодветствува на она што јас го посакувам. А, останатите два имаат полускапоцени камења кои се типични за тој крај
Веќе со години не сум обожувател на цигарите. Но, тутунот ми приредува сосема поинакво задоволство. А, и поздрав е. Полн со витамини (се смее)
Костум, кошула и кравата... тоа е мојот избор за секој ден. Чевлите во некоја „луда“ боја само го надополнуваат едноличниот стајлинг
Брошот – пердув го купив на пазар за антикварници во Лондон за неколку пени
Не сакам да го пишувам она што веќе го знаете. Туку сакам да ја променам вашата перцепција на нештата. Барем на пет минути
Илја: Веќе неколку години соработувам со позната холандска поп пејачка и ги пишувам текстовите за нејзините песни, Елен тен Дам и морам да кажам дека е многу тешко. Голем предизвик и ми се допаѓа. Разговараме со неа, ја интервјуирам со цел да добијам информации за она за кое сака да пее, како би знаел потоа за што да пишувам. Но, најтешко е од техничка гледна точка, зашто зборовите мора да бидат певливи