Манчевски: Скопје се уште во опасност поради непреземање мерки за заштита од поплави

Макфакс

07/10/2017

17:30

1.050

Големина на фонт

а а а

„Скопјани не забораваат дека негрижата на Коце Трајановски и Никола Груевски доведе до загуба на дваесеттина животи во овој дел од градот. Жртвите од поплавите на 6 август 2016 се директна последица на непреземање мерки за заштита од поплави, на немање на инвестиции во инфраструктура, како и погрешното дејствување за време на поплавата. Жртвите се директна последица на неразумното трошење пари на Скопје 2014, наместо во инфраструктура“, изјави Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ.

Според него, Коце Трајановски знаеше дека постои План за заштита и спасување на Град Скопје од 2010 година каде градот беше јасно означен како „подрачје со огромна загрозеност од елементарни непогоди, а особено од поплави“. Тој знаеше дека мора да го заштити градот од поплави, но не го направи тоа.

„Коце Трајановски не преземал мерки за одржување на ободниот канал. Не е реконструиран ободниот канал и покрај јасната препорака за тоа во планот за Проценката на загрозеност на Град Скопје од 2008 година. Како командант на градскиот штаб за спасување, Трајановски не го заштити Скопје од поплави и покрај свесноста од сливното подрачје на Вардар за што јасно се зборува во Проценка за загрозеност. Справувањето со последиците од поплавите се одвиваше бавно, хаотично и селектвино. Трајановски повеќе се грижеше за да го рекламира својот шеф Никола Груевски, за граѓаните“, додаде Манчевски.

Тој додаде дека најстрашно од се е дека и покрај се што се случи, и покрај жртвите, и после една година Коце Трајановски воопшто не инвестираше во заштита од поплави. И денес Скопје се уште е во опасност.

„Граѓаните на Скопје повеќе нема да дозволат со нивниот град да управува градоначалник кој го загрозува нивното здравје и нивната безбедност. Скопјани повеќе нема да дозволат со нивниот град да владее Никола Груевски. Затоа, на 15 октомври, Скопјани ќе стават крај на владеењето на Трајановски. Скопјани ќе изберат нова градска администрација којашто ќе се грижи за градот, ќе се грижи за подобар живот на сите граѓани во Скопје. Скопјани ќе го изберат Петре Шилегов“, вели Манчевски.