Мисајловски вети нов кружен тек, две градинки и паркови во Ѓорче Петров

Макфакс

03/10/2017

23:05

610

Големина на фонт

а а а

Кандидатот за градоначалник на општина Ѓорче Петров, Владо Мисајловски, на почетокот на денешниот митинг ги информира граѓаните дека денес во неговата фамилија се случила голема трагедија.

– Се запали нашата семејна куќа, изгоре до темел. Но, јас сум денес многу среќен човек. Моите родители се живи и здрави и имам многу, многу пријатели. Тоа е нешто непроценливо. Само снајпери горе ќе ме запрат, ништо друго. Ни тоа нема да ме запре. Ѓорче ќе победи, ќе победи советничката листа, ќе победи Градот Скопје, ќе победи ВМРО-ДПМНЕ во цела Македонија – рече Мисајловски.

Нагласи дека програмата ја сработил по средбите со граѓаните чии барања ги сослушал на терен. Им вети на граѓаните дека постојано ќе биде со нив и дека ќе ги решава сите проблеми за Ѓорче Петров, не само за избори.

– Ќе започнам уште веднаш со асфалтирање над 100 улици во сите населени места. Заедно со Коце Трајановски ветуваме дека ќе изградиме нов кружен тек на булеварот Македонска војска и улицата Ѓорче Петров. Ќе ги реконструираме улиците Геров и Волковска, Ѓорче Петров и Борис Сарафов, како и главната улица во Волково. Додека бев министер за транспорт, ја започнав изградбата на канализациската мрежа во Волково со градоначалникот Сокол Митровски. Почнавме со градба, но за жал, таа прекина. За сенешто има проблем со сегашната власт, проблем е што треба да сработат. Јас ветувам дека тоа ќе биде завршено со мене. Тоа им го ветивме на граѓаните. И да го сопрат, ние ќе го завршиме. Ќе изградиме и пумпна станица и резервоар и трајно ќе го решиме снабдувањето со вода во високата зона во Ѓорче Петров. Ќе изградиме колектор за фекални и атмосферски води по должината на улицата Радушка, систем за наводнување во Ново Село и Бардовци преку чистење на каналите на реката Лепенец заедно со градот Скопје – порача Мисајловски.

Тој вети дека ќе понуди урбанизација на нова населба, каде што младите ќе може да градат куќи на земјиште чија цена е едно евро за квадратен метар.